Влада: Откажана лидерската средба, не прифаќаме ултиматуми од Мицкоски

Макфакс

19/07/2019

11:50

1.844

Големина на фонт

а а а

Лидерската средба што беше планирана за денеска дефинитивно нема да се одржи. Од Владата велат дека причината за откажување на средбата е поради тоа што не е постигнат консензус и дека одбиваат да прифаќаат ултиматуми од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој рече дека ќе присуствува на средба на која ќе се разговара само за предвремени парламентарни избори.

„Владата одбива да прифаќа ултиматуми од неодговорниот партиски претседател на ВМРО-ДПМНЕ кој заштитата на криминалот и заложбата за блокади и изолации ги става пред државните интереси за напредок на нашата земја“, соопштија од Владата.

Премиерот, Зоран Заев, во понеделникот ги повика претседателите на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и на Алијансата за Албанците, Мицкоски, Али Ахмети и Зијадин Села, на лидерска средба со, како што велат од Владата, единствена цел да се обедини придонесот во заокружувањето на реформските процеси во правосудството, изборниот законик, како и за спроведување на пописот, како теми од посебно значење за граѓаните и за нашата земја во пресрет на европските интеграции и одлуката за почеток на преговорите за членство во унијата.

„За жал, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, наместо да прифати принципиелен разговор и договор за нов Изборен законик, избра да застане на спротивна страна на интересите на граѓаните, на спротивна страна на интересот на државата и побегна од разговорите. Овие клучни теми за продолжување на реформите и економскиот развој на земјата Мицкоски ги деградира со алиби барања кои произлегуваат единствено и само во интерес на теснопартиското профитирање. Тој одби да види дека лидерската средба е можност до следните избори да се обезбеди легислатива прифатливa за сите, со вградени препораки од ОДИХР и со можност да се отвори дебата и за нов изборен модел. Тоа укажува дека целта не била да се разговара за предвремени избори туку да се побегне и од оваа тема. Наместо да прифати дека е време за договор во корист на правната држава и владеењето на правото и како клучно да се обезбеди јавно обвинителскиот систем на државата со вградено СЈО за правда без селективност, која овие денови добива силен подем, Мицкоски и натаму останува на позициите да го брани криминалот на неговите претходници и политички ментори“, велат од Владата.

Од таму велат дека Мицкоски не може да ја препознае ниту суштинската важност за консензус дека пописот не треба да се политизира и дека сите политички партии треба да се обврзат дека ќе ги овозможат сите услови да се реализира успешен попис, како строго професионална статистичка операција спроведена од Државниот завод за статистика.

„Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, со иницијативата за лидерската средба покажа подготвеност да се прифатат сугестиите и предлозите за овие прашања, за да бидат вградени во програмските активности на Владата во претстојниот период, но нема да прифати ултиматуми кои единствено имаат за цел да го блокираат напредокот на Република Северна Македонија“, пишува во соопштението од Владата.



Спонзорирани линкови

Маркетинг