Основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, денеска ја повлекол жалбата на изречената затворска казна од 50 недели поради прекршување на условите за условно ослободување, која ја издржува во Велика Британија.
Судските власти објавиле дека расправата, која била закажана за следната недела, е откажана, објави „AP“.
Асанж ја отслужува казната од 50 недели во Велика Британија, поради прекршување на условите за кауција, по 7-те години кои ги помина во Амбасадата на Еквадор во Лондон, со цел да избегне екстрадиција во Шведска, поради наводно силување.
Асанж во февруари следната година го чека сослушување на кое ќе биде утврдено дали ќе биде екстрадиран во САД, каде е обвинет за наводен обид за кршење на законот за шпионажа.