Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров изјавил дека е малку веројатно дека во блиска иднина ќе дојде до подобрување на односите меѓу САД и Русија бидејќи "за танго се потребни двајца".
Тој во едно интервју рекол дека многу проблеми се насобрале во билатералните односи, како и дека тие проблеми не ги создала Русија.
"Воспоставувањето на билатералните односи е двостран процес. Нашата земја е подготвена да работи на тоа и тоа го кажавме многу пати", рекол Лавров. Тој истакнал дека Русија и САД имаат посебно одговорност како две најголеми нуклеарни сили и постојани членки на Советот за безбедност при Обединетите нации.
"Нашата соработка е клучна за обезбедување на стабилност и предвидливост во надворешните работи. Сепак, не зависи се од нас, велат дека за танго се потребни двајца", рекол Лавров.
"Se necesitan dos para bailar el tango": Lavrov comenta el porvenir de las relaciones entre EE.UU. y Rusia https://t.co/pUtKbrGubl
— RT en Español (@ActualidadRT) July 17, 2019
Како друг важен фактор, Лавров ја истакнал компликуваната внатрешна ситуација во САД.
"Претседателот Трамп зборува за намерата да воспостави добри односи со Русија, но не сите во Вашингтон ги делат неговите ставови. Тоа се гледа преку непријателските мерки, како разните обвиненија на наша сметка, воведување на економски санкции, одземање на дипломатски имоти...", рекол Лавров.
Сепак, вели тој, Русија ќе продолжи да бара области на заеднички интереси со Американците и додава дека и рускиот и американскиот претседател сметаат дека мора да се надминат блокадите во односите.