Арсовски: ВМРО-ДПМНЕ укажуваше дека СЈО е инструмент на власта за уцени и политички пазарења

Макфакс

16/07/2019

14:25

1.163

Големина на фонт

а а а

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, изјави дека кредибилитетот на специјалното јавно обвинителство во моментот, но и претходно, бил никаков и на најниско ниво. Според Арсовски, ВМРО-ДПМНЕ и сите други независни експерти и аналитичари укажувале дека СЈО е само еден инструмент на СДСМ и на власта да може да се вршат уцени и да се прават политички пазари со одредени политичари или да се изнудува одредена корист од одредени бизнисмени и јавни личности.

„Со она што се случи вчера само се потврди дека интегритетот на СЈО и на Катица Јанева, која неспорно е дека отсекогаш била блиска со СДСМ и со Зоран Заев, е никаков и тоа е она што со години го следи специјалното јавно обвинителство бидејќи таму не владееше, односно не се спроведуваше неселективна правда, туку, напротив, се спроведуваше селективна правда и еве, како што гледаме, не само што се спроведуваше селективна правда, туку тоа било едно дувло каде што со сите оние снимки, со сите оние прислушувани разговори, кои, едноставно, можеа да се купат на тезги на пазари, што беа расфрлани од Зоран Заев, се покажа дека биле користени за рекет, за уцени, за изнуда од одредени луѓе. Сето она што го работеше СЈО во моментот паѓа во вода“, изјави Арсовски.

Во однос на прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува на лидерската средба што ја свика претседателот на Владата, Зоран Заев, Арсовски рече дека нивниот став останува непроменет. Тие бараат на лидерската да се разговара за предвремени избори.

„Нашиот став во однос на лидерската средба е непроменет од однос на вчера. Ние, како што рековме на лидерската средба, прво и основно, треба да се разговара за предвремени парламентарни избори, а потоа за сè друго по таа точка. Ние веќе еднаш инициравме да се сретнат лидерите за ЕУ-агендата, за реформите во Република Македонија, меѓутоа тогаш Зоран Заев едноставно не сакаше и избега. И она вчерашно апсење што се случи е само политички циркус сè со цел да се покријат сите оние огромни скандали што изминатиов период ја нагрнаа власта, односно директно го нагрнаа Зоран Заев, за кој, како што реков, отвораме сериозен сомнеж дека тој е можеби и врвот на целата пирамида“, истакна Арсовски.



Спонзорирани линкови

Маркетинг