Капетан на мигрантски НВО-брод бара Европа да преземе над 500.000 мигранти

Макфакс

16/07/2019

14:22

893

Големина на фонт

а а а

Капетанот на невладиниот мигрантски брод „Си воч“, Карола Ракете, побара од Европа да ги преземе сите баратели на азил од Либија, чиј број се верува дека е над половина милион, пренесува „Билд“.

Ракете за германските медиуми изјави дека сака Европа да ги земе сите мигранти во моментот во Либија велејќи: „Слушаме за половина милион луѓе во рацете на шверцерите или во либиски бегалски кампови што треба да ги спасиме“.

Ракете, која во моментот е под истрага во врска со помагањето во илегалната миграција во Италија, беше уапсена на крајот од минатиот месец, а потоа беше ослободена кога со својот брод насила влезе во италијански територијални води и притоа удри во патролен брод.

„Што се однесува до несреќата, никој не беше во смртна опасност, тоа беше мал технички судир. Но, дури и политичарите не треба да судат, туку само експерти. Всушност, сè можеше да се спречи ако Италија нè поддржеше“, рече Ракете.

Таа додаде дека Европа треба да ги преземе и т.н. климатски бегалци тврдејќи дека азилот нема граници.

„Колапсот на климатскиот систем предизвикува климатски бегалци, кои природно мора да ги апсорбираме. Во некои африкански земји се уништува базата за храна, а тоа е предизвикано од индустријализираните земји во Европа.

Според Ракете, европските држави како Германија имаат историска одговорност во Африка поради нивното колонизаторско минато.

„Постои историска одговорност да ги прифатиме бегалците што повеќе не може да живеат во своите земји поради балансот на моќта или климатската ситуација“, рече таа.

Италијанскиот министер за внатрешни работи, Матео Салвини, постојано зборува против Ракете и нејзините постапки по нејзиното апсење, а тоа се случи и минатата недела кога на Ракете ѝ беа доделени медал и пари од градот Париз.

„Париз ја награди Карола Ракете, која е обвинета во Италија, со медал. Ова е онаа што управуваше со бродот што го прекрши законот и го уништи патролниот брод на финансиската полиција во пристаништето Лампедуза“, рече Салвдини.

Како резултат на неговите коментари, Ракете поведе тужба за клевета против партијата Лига и побара да му се одземат на Салвини профилите на социјалните мрежи „Фејсбук“ и „Твитер“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг