Карло Анчелоти е човекот кој силно го посакува Хамес Родригез во своите редови, но италијанскиот стручњак истовремено е свесен дека оваа желба може да остане и неисполнета, бидејќи Реал Мадрид не планира лесно да потклекне на условите кои ги поставува Аурелио Де Лаурентис за комплетирање на зделката.
Разликата е во тоа што Реал Мадрид сака да го продаде Хамес во перманентен трансфер, додека Наполи во овој момент се согласува само за позајмица, со која во продолжение ќе добие и право за откуп. Во овој момент, ставовите на двата клуба се доста спротивставени, а и самиот Карло е свесен дека оваа ситуација може да отиде и до степен воопшто да не се реализира зделката.
– Хамес може да игра на различни позиции позади централниот напаѓач. Тој е број „10“ и навикнат е да игра на сите позиции зад напаѓачот. Му испратив порака за да му честитам роденден оваа недела. Преговорите се во тек, сигурно ќе одземат долго време, но ние не сме очајни. Ако не излезе се како што треба, ќе бидеме силни и без него и можно е да таргетираме друг играч, – порача Анчелоти откако Наполи го загуби првиот пресезонски тест со Беневенто (2:1).