Врвните национални и државни интереси се остваруваат, Република Северна Македонија станува 30 земја членка на НАТО, изјави портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов на прес-конференција.
Тој истакна дека со ратификацијата на Протоколот од страна на Чешка и Турција, веќе 20 земји челнки од вкупно 29 дале зелено светло за пристапување на нашата земја во најмоќниот безбедносен сојуз на светот.
„Со ваквото темпо на ратификација очекувано е до крајот на годината и официјално да станеме членка на НАТО и нашето знаме да се вее пред седиштето во Брисел. Еве што значат телефонските разговори и личните средби на премиерот Зоран Заев со светските државници. Ете ги резултатите од одговорното, чесното и транспарентно работење на Владата и парламентарното мнозинство предводени од СДСМ. Ете од каде се фрустрациите кај Мицкоски, од успехот на Зоран Заев“, рече Костадинов.
Тој додаде дека додека ВМРО-ДПМНЕ ги кочи и процесите и напредокот, СДСМ дејсвува и се залага напредокот да продолжи. Членството во НАТО, оцени Костадинов, е извесно и сигурно. Тоа е важно за безбедноста и стабилноста на државата, но и на регионот.
Костадинов истакна дека покрај безбедноста и стабилноста, членството во НАТО носи и бројни економски придобивки.
„Имаме рекордно ниво на странски директни инвестиции од 737 милиони долари, имаме зголемување за 200 проценти на грин филд инвестициите. Со членството во НАТО очекувано е инвестициите да продолжат да растат. Имаме рекордно ниска невработеност во државата од 17,8 проценти, со членството во НАТО невработеноста дополнитено се намалува, а економијата забрзано да расте и да се развива“, рече Костадинов.