Нова инвестиција од Лукоил: Отворена нова бензинска во населбата Ченто

Точка

11/07/2019

16:48

287

Големина на фонт

а а а

Во присуство на голем број претставници на Владата на Република Северна Македонија и локалната самоуправа, амбасадата на Руската Федерација во Северна Македонија, блиски соработници и пријатели на ЛУКОИЛ и голем број медиуми, компанијата „ЛУКОИЛ Македонија“ официјално ја отвори својата 31-ва по ред бензинска станица, која се наоѓа во населбата Ченто, на излезот од Скопје на патот кон Арачиново.

Таа e изградена по новиот корпоративен стил на компанијата, на површина од 2000 м2 и е повеќенаменски комплекс со маркет снабден со широк асортиман на производи, паркинг за лесни и тешки моторни возила, wi-fi и други поволности. Истата брои 12 вработени, а се наоѓа ул. Методија Андонов Ченто.  

„Новата ЛУКОИЛ бензинска станица е дел од стратегијата на нашата компанија за проширување на македонскиот пазар. Нашата цел е секојдневно да го подобруваме квалитетот на животот на нашите потрошувачи, снабдувајќи ги со висококвалитетни горива и најефикасна услуга, па оттука ја продолжуваме традицијата на една од најуспешните компании во Македонија, каде што вложуваме и создаваме квалитетни и долгорочни врски со своите клиенти. Веруваме дека со оваа нова бензинска во Ченто, дополнително ќе им го олесниме патувањето на нашите лојални потрошувачи“, изјави Андреј М. Куку, регионален управител на ЛУКОИЛ Македонија.

Свое обраќање на настанот имаа и премиерот на Република Северна Македонија, г. Зоран Заев, како и амбасадорот на Руската Федерација во земјата, г. Сергеј Баздникин, кои пред медиумите истакнаа дека оваа инвестиција на ЛУКОИЛ е исклучително значајна за економијата на земјата.

„Дејноста на ЛУКОИЛ Македонија е видлив пример за успешна реализација на инвестициски проект, што, се разбира, позитивно влијае врз формирањето на објективниот образ на Русија во Северна Македонија, која е заинтересирана за унапредување на взаемно полезна соработка меѓу нашите братски народи. Ја забележуваме подготвеноста на Владата предводена од премиерот Зоран Заев. Отворени сме за продлабочување на нашата соработка, за проширување на истата врз нови сфери во тој степен, во кој тоа им одговара на нашите заеднички интереси“, рече амбасадорот на Руската Федерација во земјата, г. Сергеј Баздникин.

„Новата бензинска станица на ЛУКОИЛ е од извонредно значење за овој регион и ќе ги задоволи потребите на жителите на општините Гази Баба и Арачиново, како и на сите патници и деловни луѓе кои фреквентно го користат регионалниот пат Скопје – Куманово. Секако, од значење е и отворањето на новите работни места како придобивка за жителите на локалните заедници во двете општини. Ова е убава прилика со неколку зборови да потсетиме на нашата одлична соработка со компаниите кои доаѓаат од Руската Федерација, како и нашата принципиелна соработка со Руската Федерација, како значаен трговски партнер на РСМ со кој остваруваме интензивна трговска соработка која постојано бележи константна вредност“, изјави премиерот на Република Северна Македонија, г. Зоран Заев.

Покрај премиерот и амбасадорот, на отворањето присуствуваа и министерот за транспорт и врски, г. Горан Сугарески, градоначалниците на Општина Гази Баба и Општина Арачиново, г. Борис Георгиевски и г-а Миликије Халими, како и голем број други претставници на државните органи и локалните власти.

Инаку, на новата бензинска станица потрошувачите ќе можат да се снабдат со економичното и еколошко гориво ЕКТО, кое е најефикасно гориво на македонскиот пазар, но и со масла од палетата на ЛУКОИЛ и широк спектар на дополнителен асортиман. Бензинската станица располага и со тераса за одмор на патниците каде што може да уживаат во своето омилено кафе.

ЛУКОИЛ во Македонија брои вкупно 31 бензинска станица, од кои 10 во Скопје и околината, по 3 во Тетово и во Битола, по 2 во Куманово, Охрид, Струмица и Гевгелија и по една во Кичево, Прилеп, Велес, Штип, Кочани, Радовиш и на Стража.



Спонзорирани линкови

Маркетинг