Габриел Жесус беше стрелец за Бразил и во големото финале на Копа Америка, но исто така се покажа и како фудбалерот кој предизвика голема драма на излегување од теренот, а потоа и во соблекувалната.
Напаѓачот на Манчестер Сити го постигна погодокот за 2:1 на „кариоките“ пред крајот на првиот дел, но во 70-та минута од финалето беше предвремено испратен на туширање поради еден невнимателен потег со лактот. Младиот центарфор многу тешко ја прифати оваа одлука бидејќи остануваа уште 20 минути до крајот, па на излегување од теренот го искажа незадоволството такашто ја турна ВАР кабината. Револтот на Жесус не застана тука и можеше да се забележи како од бес плаче во соблекувалната, но сето ова на крајот се претвори во солзи радосници бидејќи Ришарлисон погоди за 3:1 со што му ја осигура деветтата титула на Бразил на Копа Америка.