Само 21,6 проценти од луѓето гласале на локалните избори во Албанија, кои ги организирала партијата на премиерот Еди Рама и покрај бојкотот на опозицијата и претседателот на земјата, Илир Мета.
Изборите минале во тензична атмосфера поради страв од евентуални инциденти, но тие не биле забележани, освен еден помалку важен. На локалните избори се гласало за градоначалници и советници во 61 албанска општина.
Освен ниската излезност, овие избори ќе бидат запаметени по бојкотот на опозицијата, кој се случил прв пат по падот на комунистичкиот режим во таа земја во 1990-та.
Албанскиот премиер Еди Рама, по изборите рекол дека "овој ден бил историски момент за Албанија, кога државата добила иднина, граѓанство и надеж".
"Овој 30-ти јуни е историски момент во една Албанија која неколку месеци преживува сериозни политички тензии. Тие тежнеат да го блокираат нашиот напредок и интеграцијата на албанскиот народ во ЕУ. Беше ова ден на кулминација на историските судири меѓу минатото и сегашноста, меѓу антидржавата и државата, меѓу старата Албанија, духовите на историјата и праведната Албанија. Победи иднината, граѓанството, надежта. Победи европска Албанија", порачал албанскиот премиер.
Од друга страна, лидерот на албанската опозиција, Љуљзим Баша, рекол дека дури 85 проценти од Албанците ја отфрлиле маската на Еди Рама.