Тапани и молитви на контра-собирот на првата Парада на гордоста

Нетпрес

29/06/2019

12:34

2.970

Големина на фонт

а а а

Со зурли и тапани, оро и молитви почна маршот за здраво семејство, кој се организира како контра-собир на првата Парада на гордоста.

Собраните пеат духовни песни, се прекрстуваат и носат пароли „Брак, семејство, иднина“, „И плодот во утробата има права“, „Полот и родот е биологија, не идеологија“, „Мајка и татко -темел и покрив“. Нив ги придрижуваат свештеници од МПЦ, чесни сестри од римокатоличката црква, како и припадници на муслиманската заедница, евангелистичката и методостичката црква.

Горан Илиев, кој е пастор во евангелистичка црква изјави дека тие строго стојат зад традиционалните вреедности и поддржуваат брак помеѓу еден маж и една жена.

„Следиме анализи и истражувања, за децата кои растат во хомосексуални бракови. Тие анализи покажаа дека децата кои растат со двајца машки и женски родители се збунети и не може да се снајдат во општеството, склони кон самоубиства и депресии, затоа што човекот кога е без една рака, сака да ги има и двете. Затоа сметаме дека детето треба да има мајка и татко“, изјави Илиев.

Ивица Тодоров, од МПЦ рече дека тие немаат ништо против луѓето кои ја одржуваат парадата, ниту пак против нивната сексуална оријентација, но сметаат оти биле заведени од одредени центри на моќ и се манипулира со нив.

„Некој има интереси од ова, а нив ги користи како цел. Затоа ние преку овој марш сакаме да покажеме дека сме чисти во намерите. Овој марш е надпартиски, надверски и ја покажува смислата на вредностите кои ги дал Бог“, рече Тодоров.

Собраните од црквата Пресвета богородица во Центар ќе се упатат кон Соборниот храм.



Спонзорирани линкови

Маркетинг