„ТЕ-ТО” : Финансиската полиција неаргументирано напаѓа странски инвестиции во земјава

Точка

27/06/2019

12:19

1.259

Големина на фонт

а а а

По повод поднесената кривична пријава на Финансова полиција против ТЕ-ТО АД Скопје во нашата редакција пристигна демант од компанијата кој ние ви го пренесуваме во целост.

Недопустливо е Финансовата полиција да излегува на прес конференции за медиумите со бомбастични најави за наводен криминал кај најголемиот странски green field инвеститор во  државата и тоа во фаза на интерни истражни постапки. Јавно се изнесуваат крајно паушални и неаргументирани наводи, кои допрва треба да се докажуваат во правни постапки. Ваквите неаргументирани јавни настапи и напади врз странски инвестиции од страна на сериозни институции каква што треба да биде Финансовата полиција се целосно во спротивност и на  штета на клучниот приоритет на Владата за привлекување странски инвестиции во државата.

Второ, од самото соопштение до јавност видно е дека Финансова полиција поднесува кривична пријава за перење пари без притоа да има доказ – судска пресуда. Постоечките наводи за перење пари и криминални дејствија се базирани на информации од незавршени истраги, за кои се тврди дека се водат во Руската Федерација.

Трето, обвиненијата дека директорот на ТЕ-ТО АД предизвикал лажен стечај се целосно неосновани. Ова е видно од ревизорските извештаи на ТЕ-ТО АД изработувани од реномирани ревизорски куќи, а кои се однесуваат на годишните сметки на компанијата за периодот од кога истата почна со комерцијална работа до стапувањето во сила планот за реорганизација. Фактот дека услови за стечај постоеле гo потврди и самата Топлификација АД со тоа што на 30.05.2018 година поднесе предлог за стечај на ТЕ-ТО АД Скопје.

Четврто, обвиненијата дека директорот на ТЕ-ТО АД потпишал нотарски спогодби спротивно на Законот за трговски друштва и Статутот на компанијата се исто така неточни, бидејќи со наведените спогодби се прави само одлагање на веќе доспеани заеми, не се превземаат никакви дополнителни обврски за компанијата, туку напротив компанијата ја подобрува својата позиција во однос на веќе доспеаните обврски. Тоа е во целост согласно Законот за трговски друштва и Статутот на компанијата. Уште повеќе, одлагањето на рок на враќање на веќе доспеани заеми, не влијаел на фактот дека компанијата ги исполнува условите за реорганизација.

Петто, согласно Законот за стечај, секое лице овластено за застапување на правното лице има право да поднесе предлог за отварање на стечај. Така што неточни се наводите дека директорот на ТЕ-ТО АД неовластено поднел предлог за стечај. Ваквиот неодговорен однос кон компанијата ТЕ-ТО АД Скопје нанесува непоправливи штети на деловната репутација, ја отежнува конкурентната способност на компанијата на европскиот пазар и го нарушува нејзиното нормално работење.

ТЕ-ТО АД има сериозен позитивен импакт врз економијата во државата преку плаќање такси и други давачки во висина од околу 8 милиони евра годишно. Во компаниите на групацијата ТЕТО и БЕГ работат околу 350 вработени во голем дел високо стручен инженерски кадар. ТЕ-ТО АД Скопје е најголемиот потрошувач на гас во државата, кој произведува топлинска и електрична енергија на начин поволен за животната средина. И покрај неоснованите дејствија на истражните органи, компанијата ја продолжува својата дејност со сигурно и квалитетно производство на електрична и топлинска енергија во енергетскиот систем на државата. ТЕ-ТО АД Скопје со сите правни и законски мерки кои се на располагање ќе докаже дека наводите од кривичната пријава се неосновани и ќе ги заштити интересите на компанијата, акционерите, доверителите, вработените и на државата.



Спонзорирани линкови

Маркетинг