Како што стојат работите во овој момент, иднината на Матијс Де Лихт повеќе од очигледно е поврзана со Јувентус, откако италијанскиот шампион се покажа како најистраен во наддавањето за големиот холандски суперталент кој брилјираше изминатава сезона како капитен на Ајакс.
Деветнаесетгодишниот централен дефанзивец демонстрираше неверојатна стабилност и континуитет за своја возраст, а како што јавуваат угледните италијански медиуми, Јувентус и агентот Мино Раиола изминатава ноќ ги комплетирале и последните детали околу завршување на зделката. Во ситуација кога се очекува неговиот голем трансфер во Торино да биде потврден од страна на клубот, угледниот холандски весник „Voetbal International“ пренесе една изјава на Де Лихт од пред еден месец, која пак на најдобар можен начин ни открива зошто Де Лихт во случајов го избрал Јувентус.
– Пред извесно време, кога вечерав со моите пријатели од детството, дојдовме до заклучок дека отсекогаш сакав да бидам Кристијано Роналдо. Кога игравме фудбал заедно, секогаш сакав да бидам Роналдо. Тоа посебно беше случај кога беше дел од Манчестер Јунајтед, мојот прв дрес исто така беше од неговото име. Оваа вечера се случи непосредно по натпреварите со Јуве во Лигата на шампионите, на оние два дуели во кои се борев против него, – гласи изјавата која „Voetbal International“ одлучи да ја сподели токму сега.