Во вечерашното гостување на ТВ Сител, премиерот Зоран Заев зборуваше за најавуваната “метла”, но и за новите министерски решенија.
На прашањето зошто токму Тевдовски и дали тоа значи дека тој е задоволен од другите министри во владата, премиерот одговори:
“Причината за таквата промена е затоа што јас влегувам. Се работи прво за министер или министерство кое што ги направи најголемите реформи или е поврзано со реформите што се случија во државата или дефинитивно преставува едно од тие што направија најмногу реформи. Така да, да не напоменувам благодарение на тоа министерство се покачија минималните плати во државата и се укина радиодифузната такса” – изјави Заев.
Тој додаде и дека не е точна информацијата дека не бил задоволен од работата на Тевдовски:
“Клучно е моето влегување, а не работењето на Тевдовски, не е дека сум незадоволен. Јас влегувам во последната фаза само во конечната реализација на програмските определби. Следуваат доста решителни и храбри чекори и јас треба да ги носам тие одлуки. Ќе имаме и поголеми плати и пензии и конечно да се почувствуваат економските политики на нашата програма. Оваа година ја прогласивме за економска година”.
Во интервјуто, Зоран Заев откри и дека заменик министерот за образование Петар Атанасов поднел оставка затоа што не станал министер.
“Жалам што господинот Петар Атанасов поднесе оставка на таков начин. Ред е да кажам, тоа го направи затоа што не стана министер за образование. Тој бараше од мене да стане министер за образование, но не стана министер. Јас во саботата ја донесов конечната одлука и му ја соопштив” – рече Заев, наведувајќи дека во неколку наврати Атанасов нему му рекол дека доколку не стане министер за образование ќе поднесе оставка.
Во поглед на стартот на преговорите со ЕУ кои почнуваат во октомври, по цели 15 години застој, премиерот вели дека доаѓаат убави времиња за Македонија:
“Треба максимално да искористиме сè и затоа влегувам со својот кредибилитет за да одржиме економска лекција”, дециден е македонскиот премиер.