Вардар не запира: Европскиот шампион го потврди и четвртото засилување

Дерби

25/06/2019

17:17

2.377

Големина на фонт

а а а

Вардар продолжува со подновување на ростерот за новата натпреварувачка сезона, па по ангажманите на голманот Кугис и Русите Атман и Горпишин, европскиот шампион ова попладне ја потврди првата аквизиција на талентиран македонски ракометар кој има блескава иднина.

Димитар Димитриоски кој има 21 година стави потпис на двегодишен договор со македонскиот ракометен великан, а во „црвено-црното“ семејство пристигнува од Металург каде изминатава сезона играше фантастично и беше клучен во освојувањето на титулата во Купот.

Димитриоски игра на позицијата лево крило и пристигнува во Вардар со цел да му биде конкуренција на Тимур Дибиров, но исто така позитивно е тоа што европскиот првак со овој потег почна да се насочува и кон македонски играчи кои во иднината можат да му понудат многу на клубот.

– Вардар секогаш сакал во своите редови да има млади, перспективни и неафирмирани ракометари. Тимот им дава шанса за напредување и за покажување на својот квалитет. Димитриоски не е само талентиран туку и квалитетен играч. Младоста е негова предност, и очекуваме истата посветеност со која и досега играше да биде негова препознатливост. Вардар ќе му даде шанса, и очекуваме дека истата ќе ја искористи. Пред клубот се нови предизвици и со новите сили заеднички да продолжиме со добрите настапи, – изјави Давор Стојаноски, извршниот директор на Вардар за официјалната веб-страна на клубот.



Спонзорирани линкови

Маркетинг