Револверот со кој се убил Ван Гог продаден за 162.500 евра, не се знае купецот

Точка

19/06/2019

17:31

1.742

Големина на фонт

а а а

Револверот од марка "Лефошо" со кој холандскиот сликар Винсент Ван Гог сакал да изврши самоубиство на 27-ми јули 1890-та година во градот Овер-сир-Оаз, е продаден денес на аукција за 162.500 евра.

Француската аукциска куќа "Auction Art" претходно навела дека револверот се проценува меѓу 40.000 и 60.000 евра. 

Купецот на револверот не е обелоденет.

Ван Гог по две години минати на југот на Франција, 20-ти мај 1890-та година се преселил во Овер-сир-Оаз, северно од Париз, според советот на својот брат Тео.

Лекарот Пол Гаше, пријател на сликарот, се грижел за холандскиот уметник кој тогаш имал чести психолошки кризи. Сликарот изнајмил соба во гостилницата Артур Раву. Тогаш бил на врвот на својата уметност, сликајќи едно дело дневно.

Ван Гог на 27-ми јули 1890-та година отишол на прошетка во поле во близина, и таму се обидел да се застрела со револверот кој го земал од гостилничарот.

Меѓутоа, револверот му паднал од рака и уметникот паднал во несвест. Се разбудил вечерта и така ранет тргнал кон гостилницата. И покрај помошта од доктор Гаше, Ван Гог умира по два дена агонија. Оружјето во 1960-та го пронашол еден земјоделец и го предал на сегашните сопственици на гостилницата Раву.

Револверот кој бил многу оштетен, бил закачен над пултот и потоа изложен во музејот посветен на Ван Гог во 2016-та година во Амстердам.

Според анализите на експертите, оружјето било во земја долг период, што би можело да се поклопи со тезата дека било фрлено во 1890-та година. Американските научници во 2011-та година ја бранеле втората теза според која Ван Гог не се самоубил, туку бил ранет во случајно пукање на некои млади луѓе кои си играле со оружје.

Ван Гог, кој починал на 37 години, е еден од најголемите и најценетите сликари во историјата.

Сакал да бои со црвена и зелена боја, како што рекол, за да ги изрази страшните страсти на човековата душа.



Спонзорирани линкови

Маркетинг