Чешката опозиција ќе гласа за недоверба во премиерот

Макфакс

18/06/2019

16:55

763

Големина на фонт

а а а

Чешките опозициски партии рекоа дека ќе гласаат за недоверба во владата на чешкиот премиер Андреј Бабиш поради наводни судири на интереси, иако немаат доволно гласови за тоа.

Петте партии ќе го поднесат барањето за специјална седница на парламентот во петок, објавија партиските водачи на прес-конференцијата одржана во вторникот.

„Оваа влада, со овој премиер, го оцрни угледот на Република Чешка и дома и во странство, па затоа сметаме дека овој чекор е морален и политички гест“, рече Марек Виборни, претседател на Христијанските демократи.

Бабиш ги негираше обвинувањата, нарекувајќи ги политички маневар.

Европската комисија претходно утврди дека Бабиш е во судир на интереси поради неговата деловна империја, а земјата би може да загуби дел од финансирањето од ЕУ како резултат на тоа.

Бабиш, исто така, се соочува со обвиненија за можно мешање во кривичен случај во кој полицијата препорача да се започне судење на премиерот за субвенција од ЕУ во висина од 2 милиони евра за фарма и конференциски центар.

Со поддршка на Комунистичката партија, малцинската влада на Бабиш контролира 108 гласови во долниот дом на парламентот од 200 члена. За да усвои гласање за недоверба, опозицијата треба да има 101 глас.

Претседателот на долниот дом може да свика гласање за недоверба откако ќе добие официјално барање. Сè уште не е предложен датум за истото.



Спонзорирани линкови

Маркетинг