УБК прислушувала од аероклубот во Центар

Макфакс

18/06/2019

14:02

3.371

Големина на фонт

а а а

Сведокот Сашо Трајковски, во продолжението на сведочењето за предметот за масовното прислушување на СЈО, ,,Таргет Тврдина”, рече дека освен во Управата за безбедност и контраразузнавање, имало работни станици на други места во градот поврзани со оптички кабел со системот за следење на комуникациите.

,,По налог на началникот Горан Грујевски беше формирана работна станица во просториите на аероклубот спроти гимназијата ‘Јосип Броз Тито’. Се пристапуваше надвор од кругот на МВР. Секој компјутер беше врзан на ‘Најс'”, рече инженерот во УБК, Трајковски.

Освен таму, работна станица на УБК имало и кај базенот во Аеродром, каде биле инсталирани компјутери кои служеле за маркирање броеви, се присети Трајковски. Тој во сведочењето рече дека имало идеја ваква работна станица да се отвори во објект на полициската станица во Пештани, а чул дека во зградата кај железничката станица има исто таква станица, за што реагирале станарите оти немале каде да ги паркираат возилата.

Опремата за прислушување на системите ,,Вернит” и ,,Најс” и друга опрема за посебни намени, од петтата управа била уништена во ,,РЖ услуги”, рече сведокот и сведочеше дека имало за тоа изготвен записник.

Првото рочиште за предметот се одржа на 17 јануари 2018 година, а постапката беше закочена неколку месеци поради сослушување на првите двајца сведоци на СЈО, Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Костовски. Обвинението за овој предмет СЈО го подигна на 30 јуни 2017 година. Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.

Грујевски наредил опремата за прислушување да се сече на парчиња

Ни беше кажано од Горан Грујевски дека опремата за следење на комуникациите ќе ја исечка на парчиња од 5 сантиметри, а потоа ќе ја однесе во друга фирма и ќе ја исече на уште поситни парчиња, рече инженерот во УБК, Сашо Трајковски, во сведочењето на денешното судење за предметот „Таргет – Тврдина“.

Трајковски се присети дека опремата за прислушување на системот „Најс“ била исклучена од системот на 27 март 2015 година по објавата на аферата во јавноста.

„Ја исклучивме ‘Најс’ и ја извадивме од систем-салата во ходникот“, рече Трајковски.

Првото рочиште за предметот „Таргет – Тврдина“ се одржа на 17 јануари 2018 година, а постапката беше закочена неколку месеци поради сослушување на првите двајца сведоци на СЈО, Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Костовски.

Обвинението за овој предмет СЈО го поднесе на 30 јуни 2017 година. Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.



Спонзорирани линкови

Маркетинг