Медиумите во Англија пренесуваат дека од таборот на „кралскиот клуб“ веќе ја испратиле првата понуда за услугите на Пол Погба, но се верува дека истата ќе биде веднаш одбиена од Манчестер Јунајтед.
Реал Мадрид испратил понуда од „само“ 90 милиони фунти, додека за продажба на својот најдобар играч од минатата сезона, Манчестер Јунајтед ќе бара најмалку 140 милиони фунти.
„Дејли Мејл“ пишува дека „ѓаволите“ се подготвени да му понудат нов мега договор на Погба со цел да го спречат играчот да си замине од „Олд Трафорд“ ова лето. Французинот во моментов заработува 290.000 фунти неделна плата, а Ед Вудвард на маса ќе му стави нов договор со кој би заработувал по 500.000 фунти неделно.
Желбата на Погба е да си замине од Манчестер Јунајтед, меѓутоа од раководството на клубот не се откажуваат од него и немаат намера да го продадат ова лето, а Солскјер во неколку наврати посочи дека тимот за следната сезона ќе го гради исклучиво врз играчот од средниот ред.