Кризата ескалира: Иранците наскоро го прават клучниот чекор во развојот на нуклеарна бомба!

Точка

18/06/2019

13:07

2.559

Големина на фонт

а а а

Иранскиот нуклеарен договор би можел да се распадне веќе овој месец, со оглед на тоа што Иран најави дека во рок од 10 дена ќе го стартува производството на збогатен ураниум над дозволената граница.

Иранските власти синоќа потврдија дека во рок од 10 дена ќе го пробијат ограничувањето во врска со количината на произведен збогатен ураниум кое што беше поставено со договорот од 2015-та година.

Истовремено, од Техеран порачаа дека европските сили се уште можат да го спасат нуклеарниот договор доколку во тој рок покажат волја да го исполнат својот дел од обврските во врска со трговските односи со Иран. Имено, иранските власти веќе неколку месеци предупредуваат дека земјите од Европската Унија попуштаат под притисоците на Доналд Трамп кој сака економски да го изолира Иран.


После најавата на Техеран декка ќе биде пробиена границата, веднаш се огласија и од Националниот совет за безбедност на САД, од каде што порачаа дека ова е иранска „нуклеарна уцена“ на која треба да се одговори со уште поголем меѓународен притисок.

Секако, ваквото однесување на властите од Техеран најмногу му одговара на Трамп кој веќе ги повлече Соединетите Американски Држави од иранскиот нуклеарен договор минатата година, а тој договор сега се обидуваат да го одржат во живот Велика Британија, Франција, Германија, Русија и Кина.

Од официјален Лондон веќе порачаа дека ќе ги разгледаат „сите опции“ доколку Иран започне да го прекршува договорот, а Израелците апелираат светските сили да ги зголемат санкциите против Иран доколку властите од Техеран продолжат да збогатуваат ураниум над дозволениот лимит, односно опасно големи количини кои ќе бидат доволни за производство на нуклеарна бомба.


Како што стојат работите, тешко постигнатиот ирански нуклеарен договор би можел да се распадне веќе до крајот на овој месец, доколку Техеран ги оствари заканите и започне да збогатува ураниум над договорената количина.

Тоа би можело да претставува голема ескалација на ситуациајта која што веќе подолго време е крајно тензична и на раб на војна. Во еден таков случај, сигурно е дека одредени актери ќе заговараат и воена пресметка со Иран која може повторно да го запали целиот Блиски исток.



Спонзорирани линкови

Маркетинг