Дебакл на трибините во Бразил, никој не сака да гледа Копа Америка

Макфакс

17/06/2019

11:47

2.377

Големина на фонт

а а а

Пред три дена почна новата 46-та Копа Америка, која годинава се одржува во Бразил, но организаторите и јавноста се соочуваат со неочекуван проблем – слаба посета на стадионите.

Воведниот меч на кој Бразил со 3-0 ја порази Боливија го следеа 46.000 луѓе, а во слободна продажба останале околу 20.000 влезници во најфудбалската земја во светот.

Вчерашниот меч меѓу Катар и Парагвај се одигра на популарната „Маракана“, која собира 74.000 навивачи. Мечот во живо го следеа само 19.000 фудбалски вљубеници. Да биде парадоксот уште поголем, дури 4.000 од тие 19.000 гледачи беа деца што добија бесплатни влезници во училиштата во Бразил.

Венецуела и Перу, односно Уругвај и Еквадор, ги гледаа по 13.000 луѓе, а поголема посета имаше на мечот Аргентина – Колумбија, 35.000 гледачи.

Претседателот на Конмнебол, Алехандро Домингез, признава дека ова е неочекувано.

„Очекувавме и посакувавме повеќе луѓе во земјата што живее за фудбалот. Ова е навистина загрижувачки и ве уверувам дека проблемот не е во организацијата“, вели тој.

Уверлив аргумент за слабата посета е цената на влезниците. Најевтините влезници за мечот Бразил – Боливија чинеле 151 долар, што е повеќе од половина од бразилската минимална плата.

Влезниците за финалето ќе чинат цела бразилска минимална плата – 228 долари.

Нов аргумент за слабата посета е и фактот што за 5 години во Бразил ова е трето големо натпреварување – Светското првенство, Олимписките игри и сега Копа Америка.



Спонзорирани линкови

Маркетинг