Раководството на МВР врши мобинг врз Независниот синдикат на полицијата

Макфакс

15/06/2019

15:25

3.419

Големина на фонт

а а а

Портпаролот на Независниот синдикат на полицијата, Дејан Саздов, обвини дека раководството на Министерството за внатрешни работи врши мобинг врз членовите на синдикатот и останати припадници на полицијата.

Саздов вели дека станува збор за незаконски распределувања преку кои раководството се пресметува со оние кои се спротиставуваат на незаконското работење.

„Како синдикат сметавме дека власта лекциите за примерно и законито однесување ги научи и навистина ќе се почуствуваат позитивните промени, но од тоа ништо не се случи. Наместо промени, кон синдикатот продолжија притисоците и заканите за преместувања кои голем дел од нашите претставници ги осетија на својот грб, како и притисоци врз највисоките структури на НСП и срамна дискредитација на истите. Се уште се водат неосновани постапки против наши претставници со притисоци од страна на највисоките структури. Исто така и притисоците за отчленување на членови од НСП не престануваат. Нашите претставници се соочуваат со невиден мобинг, почнувајќи од незаконски распределувања за внесување страв до безмилосен напад на професионалниот интегритет. Се демонстрираше моќ и способност за конструкции и фингирање на лоши слики ставајќи им етикети на професионалците кои ќе се спротистават на незаконското работење“, вели Саздов.

Мотивирани од, како што велат неправдата која им е нанесена, членовите на НСП се обратиле до Народниот правобранител, внатрешната контрола на МВР и Комисијата за управна постапка. Сите овие институции утврдиле неправилности во постапката за прераспределување по што Основниот суд 2 на 10 април оваа година донел пресуда со која се поништуваат решенијата на МВР за прераспределување и се бара вработените да бидат вратени на старите позиции.

Како што велат од НСП, оваа одлука на судот сè уште не е испочитувана иако раководството на министерството за внатрешни работи имало рок од 8 дена да ја изврши судската одлука.

Од синдикатот бараат премиерот, Зоран Заев, да „замете“ и во МВР со цел правдата да биде задоволена, а зборот оддржан. Тие исто така се надеваат дека трудовиот инспекторат и Јавното обвинителство ќе се позанимава со овие прераспределување во полицијата.

„Од премиерот бараме по доставување на доказите за незаконското работење на раковдството на МВР, метлата да заигра и правдата да биде задоволена, а дадениот збор одржан. Одговорноста во највисокото раководство мора да ја има. Гласот да допре до сите надлежни институции посебно до Трудовиот инспекторат и Јавното обвинителство. Да се спроведе ревизија и истрага на сите досегашни решенија за прераспределување и унапредување во МВР донесени од страна на актуелното раководство“, велат од Независниот синдикат на полицијата.



Спонзорирани линкови

Маркетинг