Русковска: И други функционери се под истрага за злоупотреба на ИПА-фондовите

Макфакс

12/06/2019

13:50

1.828

Големина на фонт

а а а

Шефицата на обвинителството за организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, во однос на најновата афера за злоупотреба на ИПА-фондовите за што беше уапсен Јахи Јахија, државен секретар во Министерството за информатичко општество и администрација, информираше дека при претресите во Италија пронајдени се нови докази за случајот.

Русковска исто така најави дека Јахија не е единствен функционер за кого има истрага за злоупотреба на ИПА-фондовите во државава.

„При претресите во Италија се најдени докази кои ќе служат во постапката против нашите државјани. Во тек се предистражни и истражни постапки и за други функционери за злоупотреба на фондовите“, рече Русковска.

Обвинителката не ја исклучува можноста за проширување на истрагата со нови осомничени за фирмите кои дејствувале.

„Само што почнавме треба да се прегледаат докази и потребни е извесно време да видиме дали ќе ја прошируваме истрагата“, рече Русковска.

„Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при МВР по наредба на јавен обвинител од Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во координација со италијанското обвинителство од Милано, а со поддршка на ‘Европравда’, спроведе координирана полициска операција за обезбедување докази за примање поткуп од двајца државни службеници при избор на правно лице за спроведување на проект финансиран од страна на ИПА-фондовите“, пред два дена информираше обвинителството за уапсениот Јахи Јахија од Куманово.

Спроведени биле симултани претреси во Северна Македонија и во Италија, и тоа пет претреси во Скопје и Куманово од кои во две правни лица и едно министерство, како и во осум правни лица во Р Италија. Притоа, Министерството за внатрешни работи привремено одзеде повеќе од десет компјутери (десктоп и лап-топ компјутери), уесбе и микро СД-мемориски картички, мобилни телефони, таблети, два пиштола, парични средства и обемна службена документација, а еден осомничен е уапсен.



Спонзорирани линкови

Маркетинг