Претседателството на владејачката албанска Социјалистичка партија, чиј лидер е премиерот Еди Рама, одлучило да отвори постапка за менување на претседателот Илир Мета, откако донел одлука за одложување на локалните избори.
Портпаролот на албанската влада и министер за соработка со парламентот, Елиса Спиропали, соопштила дека постапката за импичмент на албанскиот претседател ќе почне во четврток во албанскиот парламент.
"Претседателството на Социјалистичката партија разговараше за бруталниот чин на Илир Мета. Претседателството одлучи во четврток да одржи парламентарна дебата, образложувајќи ги аргументите за тоа како Илир Мета ја нападна Републиката и измисли институција која не постои во ниедна земја во светот, а која се нарекува поништена уредба. На крајот, тоа ќе премине во надлежност на Централната изборна комисија за да се анализира од правен агол. Или Мета го изгуби правото да остане во таа канцеларија. Во четврток почнуваме постапка за негов отповик од местото шеф на државата. Нашата должност е да го штитиме уставот", рекла Спиропали.
— Ilir Meta (@ilirmetazyrtar) June 10, 2019
Одлуката на партиското претседателство на владејачката албанска партија е очекувана имајќи ја во предвид вчерашната изјава на албанскиот премиер и шеф на таа партија Еди Рама, кој најавил заминување на претседателот Илир Мета, истакнувајќи дека "шефот на Албанската држава самиот си ја потпишал судбината и го изгубил правото да остане на таа функција".
Претседателот Мета утрово во своето вонредно обраќање ги образложил причините за одложувањето на изборите, укажувајќи дека "без датум кој ќе го одреди претседателот, нема да бидат одржани избори". Тој рекол дека ја донел таквата одлука за да се сопре влошената ситуација и евентуален граѓански конфликт.