Татјана Алексиќ: Од каков „материјал“ се прават дипломите?

Точка

07/06/2019

11:37

4.246

Големина на фонт

а а а

„Материјалот за дипломи поскапува, „паре су скупе" за „дипломоронци" кои, по навика, продолжуваат да купуваат низ животот сѐ што може да се купи и поткупи. И кому корист од тоа, освен на ,,продавачите на дипломи" ?-прашува професорката Татјана Алексиќ. Таа открива: Коцката е веќе фрлена, ги прокоцкавме децата и сега ќе треба многу напор, стручност, вистински идеали за стабилна економија за да ги вратиме назад. Колку препораки за Словенија напишав последниве години, па не знам дали да се радувам или тагувам.

Во време кога матурантите се на крстопат пред одлуката каде ќе го продолжат понатамошното образоание колку се мотивирани во едно општество како нашето да се образуваат. И доколку инвестираат и финанасиски во образованието и во себе, дали им е исплатливо да останат овде или дипломата да ја уновчат „надвор“. Што подразбира дипломата во денешно време?

"Поскапе" материјалот за изработка на дипломите?

- Сѐ поскапува, цените растат но не секогаш пропорционално со квалитетот на бараниот производ. Така и со дипломите, добивме на квантитет , што не е гаранција за квалитет. Хиперпродукцијата на дипломци , никако не значи дека сме високо образована нација. Така да материјалот за дипломи поскапува, ,,паре су скупе" за ,,дипломоронци" кои, по навика, продолжуваат да купуваат низ животот сѐ што може да се купи и поткупи. И кому корист од тоа, освен на ,,продавачите на дипломи" ?

Нели им се губи поентата?

- Поентата одамна е изгубена , заглавена некаде во системот каде бесполезно се ,,движиме" во место како кутрите мали хрчаци, заморчиња на сериозно разнишан образовен систем , со хронична дијагноза на несоодветни реформи со години наназад. Поента над поентите е , да се има силен мотив за учење ако стекнатите знаења, вештини и способности се продадат на пазарот на трудот за да се живее достоинствено. Тоа е долготраен и макотрпен процес, а резултатите за кусо време, многу лесно може да покажат ,,кој за што си учел" и како ги стекнал дипломите. Нема шверц со неукост, тоа е како да фрлиш на терен неталентиран играч, веднаш се забележува.

Кај нас и онака немаат важност ( со исклучоци), зошто по секоја цена се трудат некои по секоја цена да ги обезбедат кога и без неа можат одлично да функционираат и со неа можат дома да седат? Дипломата ќе ги направи попаметни?

- Тоа е парадоксот на Балканецот, по секоја цена, која најчесто историски ја плаќаме по свој грб, мислиме дека го бираме полесното или помалото зло. Трката за купување знаења и дипломи почнува бенигно, уште во основно образование со ,,ситни" ургенции и продолжуваат по навика во понатамошното школување. Кога ќе се наштелуваат успесите и знаењата со популарно наречени ,,врски" ќе дојде моментот на распад систем, кога - тогаш! Дипломите некому му требаат за вработување, некому за сатисфакција, некој ги врамува на sид, некој може само да се слика со нив, но никому нема да му се важни ако нема конкретна корист од нив.

Способна ли е државта да ги менаџира своите кадри?

- Искуството е и знаење! Секако, ако е соодветно и практично поткрепено. Теоријата и праксата треба да се надополнуваат и факт е дека многу луѓе без дипломи, а со искуство, може да постигнат многу повеќе низ кариерниот развој, отколку луѓе со неискористени дипломи. Нашите предци, оние кои тргнале буквално пеш по светот за да стекнат знаење, немале дипломи. Твореле во тешки услови, на свеќа, во зандани, омаловажувани и истребувани и биле ,,самоуки" ... Но тоа само им ја зголемува убоста на укоста и треба да се посрамиме пред нив што во оптимални услови за учење и работење , даваме минимални резултати. Во овa наше современие, кога сакаме да го фатиме ритмот на Европа , државата не умее да ги менаџира ,,за однапред" своите кадри, да прави стратегии за уписи на факултети и задржување на дипломците. Не секој и по секоја цена треба да студира факултет, некој треба да пече леб! Стручните училишта ги потценивме и запоставивме со отворање гимназиски паралелки и факултети на секое ќоше. Затоа добивме вишок бесполезни дипломи и секако дека, ако наученото не се користи, попусти се сите дипломи.

Има ли кај нас поголема важност партиската книшка од дипломата, дали младите да учат или да лепат плакати?

- За жал, за срамови, подбивно, деградирачки и на општо незадоволство е моделот на партиско вработување чии нус појави се лепење плакати, па пликоа, па етикети и сѐ што може да залепи млад човек, за да на крајот му се залепи и устата. И кој и како после да го одлепи од зависноста на полтронеријата?

Дали е ова демотивација на младите?

- Не смее да биде, Македонецот е пиреј, ќе никне и на друго место, а младоста , сама по себе, е тврдоглава и упорна. Ние сѐ уште раѓаме здрави и бистри деца, и не смеевме да дозволиме да ни заминуваат на софистицирана ,,печалба" низ светот.

Дали треба да се образуваат за да бидат конкурентни надвор?

- Тие веќе конкурираат, веќе се образуваат за ,,надвор". Коцката е веќе фрлена, ги прокоцкавме децата и сега ќе треба многу напор,стручност, вистински идеали за стабилна економија за да ги вратиме назад. Колку препораки за Словенија напишав последниве години, па не знам дали да се радувам или тагувам, без оглед на чистиот воздух и околина на Словенија.



Спонзорирани линкови

Маркетинг