Целосно уреден дом од рачно изработено дрво

Точка

05/06/2019

11:21

2.310

Големина на фонт

а а а

Роберт Коцев по професија е офицер на Армијата, со многугодишно војничко искуство. Вели дека енергијата која ја има како војник, исклучително му помага да успее во креативниот свет на уметноста. Тоа значи дека оние атрибути кои се потребни во војничката професија како дисциплина, физичка издржливост, психичка енергија, стабилност, мотивираност, желба за успех се и те како потребни во неговиот уметнички свет.

Скоро целото слободно време и го посветува на уметноста, трудејќи се да не го запоставам семејството и дружењето со пријателите. Во моментите на набој на голема количина на енергија, позитивна или негативна влегува во неговиот свет или негов рај, како што милува да ја нарече работилницата и преку креирањето настојувам да ја смири енергијата. Забележал дека ако има главоболка таму се завршува. На навидум неупотребливите, фрлени парчиња дрво тој им дава форма и функција. Потребата од елементи за внатрешно и надворешно уредување на неговиот нов дом му биле плус мотивација да ги реализира замислени проекти. А предноста на живеењето во дом целосно изработен од дрво е тоа што ги буди емоциите како и секоја уметност затоа и е скапа.

Како дојдовте на идеја да изработувате мебел и предмети од дрво, да му дадете функција во просторот, колку време се занимавате со ова?

- Откако знам за себе имам уметничка енергија која во текот на мојот живот, сум ја изразувал низ разни облици на уметност. Но, со оваа уметност активно се занимавам од 2006 година. Пред се инспирација добив од една фотографија, на која беше една необична гарнитура за седење. Изгледа тоа беше моментот кога оваа моја инспирација бараше конкретна реализација. Уште кога ќе се додаде на ова, дека имав потреба од елементи за внатрешно и надворешно уредување на мојот нов дом, тоа беше плус мотивација да ги реализирам моите замислени проекти. Пред се сметав дека со таквата енергија која ја имам, имав моќ да изработам уникатни, уметнички и употребливи елементи за мојот дом. Со други зборови сакав да развијам сопствен уметнички проект, автентичен на моите визии.


Која беше првата ваша изработка?

- Од моментот кога ја добив таа инспирација веднаш се фатив за работа. Првиот мој проект кој го прифатив како предизвик, беше стол за седење изработен од парчиња дрва во природна форма. Дури тогаш сфатив дека е ова така сериозен проект за кој треба многу работа, многу искуство, енергија и мотивација. Од сето ова ми фалеше само искуството, но не се откажав, туку напротив вложив огромна количива на енергија и го добив првиот мој уметнички проект. Охрабрен од позитивните реакции на моите пријатели, решив да продолжам понатаму и да ја комплетирам замислената гарнитура 6 столови и маса за која имав потреба во мојот двор.

Која беше најтешката за работа и колку време ви одзема?

- Навистина не можам да се одлучам кој проект беше најтежок за изработка. Многу проекти, предизвици, потрошена енергија, исклучителна тешка психичка и физичка работа, огромна жртва. Ако треба да се одлучам за потешките проекти би издвоил неколку. Двете бањи во галериите каде имам внесено многу креативност и употребував дрво, камен и некои материјали на кои им најдов примена за да креирам навистина уникатни креации. Морам да признаам дека користењето на ваквите бањи, навистина ги буди сетилата и предизвикува уживање, што е различно од веќе стандардните бањи.


Следно што можам да издвојам од потешките креации е куќарката на дрво, исклучително тежок и престижен проект. Тоа беше идеја која ја развивав многу години наназад и го чекав моментот кога ќе имам кристално чиста слика. Тоа се случи лани, истата ја градев 5-6 месеци и веќе во зимскиот период куќарката беше употреблива и место каде се случуваа бројни седенки со нашите пријатели. Зачудувачки беше дека иако температурите беа минусни во куќарката беше пријатно за седење, но сепак имав поставено и греење.


Ништо помалку енергија потрошив и на комплексот во двор, составен од традиционална фурна, огниште и летниковец. Вистинска магија се случува со фурната, каде се случуваат бројни настани проследени со гурмански специјалитети и со неизбежното лепче печено на традиционален начин во фурна.

Во оваа категорија на потешки проекти, можам да ги ставам и некои креации за кои потрошив исклучително многу креативна и физичка енергија и многу време. Тоа значи дека големата гарнитура за седење во галеријата, некои ламби и лустери, од моментот кога ја развивав идејата до конечна реализација поминале година или две. Тоа е нормално за таков вид на креативност кога се создаваат уникатни креации, бидејќи секој еден проект се создава од моментална инспирација. Никогаш не водам сметка колку труд, енергија и време е потребно да се реализира некоја креација, туку најважно ми е да добијам проект кој сум го замислил.

Која е предноста да се има мебел од дрво дома?

- Користењето на бањата изработена во уметнички стил ги буди емоциите. Тоа се случува во секое катче од мојот дом, бидејќи моите креации се присутни секаде. Дрвото како репроматеријал за изработка на каков и да е вид на креација дава топлина, енергија, чувство на природен материјал кој предизвикува уживање. Сите ние знаеме дека уметноста е една од најскапите дејности, баш поради тоа што директно влијае на емоциите на луѓето. Од таа причина не секој може да си дозволи во своето опкружување да има парчиња мебел, изработени од дрво, а уште пак и ако се тие уникатни парчиња.


Потребен ли посебен алат за работа?

- Секако дека е потребен алат за работа, кој во некоја мера е специфичен односно на некој начин прилагоден за ваков тип на работа. Нормално со текот на годините, развивајќи ја мојата уметност се развивав и во тој дел. Во овој момент пополнет сум со комплет на алат и машини, кои ми се потребни за работа. Како составен дел од мојот дом влегува работилничкиот простор, каде се распоредени моите алатки и машинки и на некој начин тоа е мојата лабораторија, каде ја развивам мојата уметност. Во продолжение на работилницата е и моето складиште на материјали кои ги користам за работа и во тој дел можам да кажам, дека моментално имам огромна количина на дрвена маса.

Од каде идеите за формите?

- Идеите за мојата креативна работа ми доаѓаат од мојата инспирација. Нормално не е така лесно да се развива креативна работа, бидејќи инспирацијата е една од најтешките работи во креативноста. Тоа значи дека кога креативецот има инспирација, веќе најголемиот дел од работата е завршен. Инспиративноста односно креативноста е вештина која се развива. Тоа е нешто како тренирање, колку повеќе се вежба, толку повеќе се развива креативноста. Од друга страна, јас и мојата сопруга Љупка ги пратиме медиумите каде се застапени емисиите од областа на креативноста и на тој начин ги пратиме светските трендови. Понатака со меѓусебна консултација, ние си правиме сопствени проекти и точно знам во кој правец ја развивам мојата креативност.


Дали во секое дрво гледате форма, интересна случка?

- Секако, тоа е моќта на уметникот. Јас гледам употребна вредност во скоро секое парче дрво, кое ќе го најдам во природата. Добар дел од парчињата дрво кои ги добивам се фрлени од страна на корисниците, дека биле оштетени од природата. Токму тие парчиња за мене се најатрактивни и најголем предизвик за да изработам некоја уметничка креација. Имам многу интересни случки. Еден ден во непосредна близина на мојата работилница, најдов трупец дрво кој несватливо некој го донел и го фрлил тука. Кога го видов не можев да поверувам срцето од дрвото го немаше а останало само ѕидот дебелина околу еден сантиметар. Веќе природата направила уметничко дело, кое јас го искористив и направив мое уметничко дело, најубавата ламба во мојот креативен опус, која повеќе не може никогаш да се повтори. Во друг случај најдов парчиња дрво во едно огниште недогорени, односно останал тој дел од парчињата во кои јас видов основа за изработка на уметнички свеќници. Исто така можам да го издвојам случајот, кога еден сосед ми кажа дека имал некоја дрвена маса талпи од костен, кои стоеле 20 години на отворен простор и биле поприлично оштетени. Ми предложи да ми ги продаде, само за да се ослободи од нив. Ги купив истите и можам да кажам дека од нив ја направив најатрактивната гарнитура за седење, сместена во галерискиот дел и изнудува највеќе комплименти од сите креации во тој дел.



Спонзорирани линкови

Маркетинг