Идниот Никола Тесла: „Не мора да си заминеш од Македонија за да си ги оствариш целите“

Точка

30/05/2019

21:59

10.021

Големина на фонт

а а а

20-годишниот Михаил Арсовски е студент на ФЕИТ кој има премногу успеси во полето на физиката. Во јавноста е познат како „Идниот Никола Тесла“, поради големите регионални успеси кои ги постигнал. Прочитајте во продолжение за што точно станува збор.

Михаил, за тебе велат дека си идниот Никола Тесла. Како ти се роди љубовта кон ова што го правиш и дали може подетално да ни објасниш што всушност претставува тоа? 

Уште како мал имав афинитети кон науката и техниката, можам да кажам дека денешниот развој на науката и техниката е во неверојатен развој и информациите и податоците се полесни за добивање отколку во минатото. Исто така и архивирањето на податоците е во помали уреди и на овој начин се компактибилни за пренесување.


Точка дознава дека досега си бил на многу натпревари со твоите иновации. Можеш ли да ни откриеш кои биле тие и со какви награди се имаш здобиено?

Сум се натпреварувал на многу натпревари од областа на техниката, првата област од моето натпреварување беше во Радио Аматерска Гониометрија – АРГ една област која во денешно време не е многу развиена и луѓето за жал не знаат за каква област станува збор. Втората област беше Применета Физика, па потоа Електротехника и електроника. Сум бил на многу меѓународни саеми - во Чешка, Босна и Херцеговина, Бања Лука… Истотака и ние во Македонија имаме меѓународен саем организиран од Меѓународната Асоцјација на пронаоѓачи на Северна Македонија НАИМ.


Имам конструирано 5 иновации досега. Дел од нив се наградувани со првите 3 места, а некои и со признание. Пласманот е исто така важен, но дружењето со колеги од Македонија и странство е нешто што не може да се опише. Она на што сега работам е уредот за Автоматско следење на сонцето и производство на електрична енергија, за кој е почната постапката за патентирање.

Како постигнуваш да го изменаџираш времето, со оглед на тоа дека постојано си активен - редовно гостуваш на разни телевизии, притоа си студент на ФЕИТ, фотографираш...?

Да, точно е дека со сето тоа се занимавам. Освен техниката тука е и фотографирањето, кое ми е голема пасија, но пред сè ми е факултетот на кој студирам, Феит. Секогаш може да се најде време за сето она што сакаш да го правиш. Член сум на Фото Сојуз, тоа е сојуз на фотографи. Менаџирање на времето ми е силна страна.


Од кого ја добиваш најголема поддршка?

Поддршка секако најмногу добивам од родителите, но во секој случај морам да ги споменам и пријателите. А кога веќе сме кај “пофалбите“, морам да го споменам мојот драг пријател, асистент и менаџер кој неуморно учествува во моето медиумско промовирање - Марко Шипка.

Која е твојата најголема желба и цел која сакаш да ја оствариш?

Сакам сите идеи кои ги имам замислено од областа на иноваторството да ги имплементирам, а се разбира и да ги патентирам. Засега тоа ми е најголема цел кон која се стремам.


За крај, што би им порачал на младите во Македонија?

Прво, и најважно од сè е никогаш да не се откажуваат од она што го сакаат. Без разлика дали тоа е спорт, музика, некоја друга уметност или нешто сосема друго, важно е посветено да работат за да постигнат успех. Ништо не е невозможно ако силно се сака. Еве, јас можам да бидам пример за тоа дека не мора да си заминеш од земјата за да ги оствариш целите. 

Автор: Цеце Николова



Спонзорирани линкови

Маркетинг