Српско-руската компанија “Нефа мебел” измами стотина купувачи во Македонија: Затвори преку ноќ, голем број граѓани останаа без платените производи

Точка

25/05/2019

15:17

8.098

Големина на фонт

а а а

Српско-руската компанија за мебел “Нефа мебел” вчера без никаква најава ги затвори сите свои продавници во Србија и Македонија, а голем број купувачи останаа без можност да ги добијат однапред платените производи.

Во Македонија, “Нефа мебел” имаше три продавници во Скопје – Сити Мол, Капитол и ГТЦ, а останатите се наоѓаа во Велес, Гостивар, Тетово, Прилеп и Битола. Како што известуваат повеќе медиуми, вчера попладнето затвориле сите продавници, а купувачите велат дека не можеле да добијат информации како да ги подигнат платените нарачки. Исто така, руската компанија “Спилит” која го произведува мебелот за “Нефа мебел” пред два дена преку ноќ побегнала од Врање и оставила над 300 работници без работа како и финансиски долгови, објавуваат српските медиуми.   


Директорот на “Нефа мебел” преку ноќ ја напуштил Србија, со образложение до своите менаџери дека “мора итно да замине за Русија поради технички преглед на автомобилот”.

“Бев во сите продавници, а и во скопскиот магацин, тој беше затворен, но продавачите немаат информации дали и кога ќе нѝ биде испорачан купениот мебел што го плативме со рок за испорака од 35 дена. Нѝ рекоа да дојдеме в понеделник, ама не верувам дека ќе отворат” – вели скопјанец кој не ја добил гарнитурата во износ од 20.000 денари.

Како што открива тој за “Сакамдакажам”, повеќе купувачи го пријавиле случајот во Агенцијата за заштита на потрошувачите, но сè уште не знае дали тоа ќе помогне тие да си ги добијат своите платени нарачки.


Вчера во Белград, гневните купувачи провалиле во магацинот на компанијата и однеле што нашле, а исто така провалиле и во деловните простории на руската фирма и однеле што им дошло при рака како компјутери, столици и телевизори. Купувачите велат дека продавницата примала нарачки до минатата недела, а некои имаат порачки и во износ до илјада евра.

Српските медиуми велат дека според податоците на српската Агенција за стопански регистри, 49 отсто од “Спилит” е сопственост на белградски “Холодекс”, а 51 отсто на рускиот партнер “ООО Корољ Диванов”, додека “Холодекс” е стопроцентен сопственик на “Нефа мебел”. Зад обете фирми стои рускиот бизнисмен Андреј Ходашевич, сопственик на две големи фабрики за мебел во Русија, “Много мебел” и “Корол Диванов”. Доказ дека двете компании се поврзани е фактот што веднаш штом “Спилит” заминал од Врање, интернет и Фејсбук страниците на “Нефа мебел” во Србија, а од денеска и во Македонија се избришани.



Спонзорирани линкови

Маркетинг