“Затворениот“ тенисер сепак ја отворил својата душа и кажал прекрасни зборови за својата сопруга. Пред очекуваното враќање на претстојниот Ролан Гарос после четири години отсуство, Роџер Федерер ја отворил душата и проговорил за своите чувста кон личноста која е со него речиси 20 години, неговата сопруга Мирка Вавринец.
„Многу е важна во мојот живот, многу научив од неа“ – изјавил Швајцарецот.
Роџер Федерер (37) и Мирка Вавринец (41) се сретнале во текот на Олимпијадата во Сиднеј 2000-та година каде што двајцата се натпреварувале.
Разликата во годините меѓу нив не само што не претставувала никаков проблем, туку Федерер секогаш ја фалел зрелоста која што Мирка ја носи во нивната врска.
„Општо познато е дека поголемиот број од жените на почетокот на врската побрзо созреваат од нас мажите, а таа веќе беше три години повозрасна од мене. Знам дека момче од 18 години и девојка од 18 години не се исти, момчињата подоцна созреваат“ – признал популарниот тенисер.
Од тој состанок станале неразделни. Мирка која е родена во Словачка, емигрирала во Швајцарија на нејзина двегодишна возраст, се натпреварувала на четири Грен Слемови турнири и го достигнала 76-то место во светот, но година дена после Олимпијадата во Сиднеј одлучила да се повлече од тенисот и се фокусирала на прекрасната кариера на своето момче. Од тогаш Мирка е задолжена за сите прашања поврзани со тенисерот и односите со јавноста и медиумите.
„Таа е многу строга, но многу професионална. Импресивно!“ – додал Федерер за улогата која неговата жена ја стекнала во нејзиниот професионален живот.
„Секогаш била тука покрај мене. Ми помогна во сè што можеше, а без тоа нема да ми беше лесно“ – објаснил тенисерот.
Тој инсистира на тоа дека за дел од неговиот успех е заслужна токму неговата сопруга и семејството кое што го основале двајцата заедно.
„Сонувавме за тоа да имаме таков однос, посебно сега со четири деца.“
Овој тенисерски тандем се венчал во 2009-та година и имаат 4 деца, два пара близнаци. Девојчињата од девет години, Мила Роуз и Шарлен Рива и другите две момчиња од пет години, Ленард и Лео. На прашањето дали неговите деца ќе ги следат чекорите на нивните родители во спортот, Федерер се изјаснил дека ќе ги поддржи своите деца во одлуките кои ќе ги донесат и вели дека не врши притисок на нив за да станат професионални спортисти.
„Што и да изберат ние ќе ги поддржиме. Би било интересно затоа што мојата сопруга и јас сме упатени во спортот меѓутоа не ги тераме во тој правец. Им даваме можност, но тоа не е приоритет. За нас најважно е нашите деца да бидат добри граѓани и добри луѓе.“