Министерството за здравство информира дека од рано утринава се почнати подготовки за транспорт за лекување во странство на момчето кое вчера беше повредено од струен удар на Железничката станица во Трубарево.
Од таму апелираат да не се шират дезинформации на социјалните мрежи и велат дека не се точни наводите дека министерот Венко Филипче е отсутен и недостапен.
„Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување и сите засегнати институции се на располагање, во моментов се подготвува медицинска документација и се организира превоз момчето кое вчера се здоби со изгореници од струен удар во најбрзо време да биде пренесено на лекување во странство. Нашите лекари максимално се грижат за момчето да ја добие неопходната здравствена заштита“, велат од МЗ.
Од таму додаваат дека со дополнителни информации ќе излезат во јавноста за краток временски период.
На социјалните мрежи денеска повеќе корисници споделија објава во која се наведува дека е потребен хеликоптер за транспорт на повреденото момче во Словенија.
„Дечки, потребен е итно хеликоптер за Словенија за дете кое има изгореници од 4 степен (повеќе од 80% изгореници) од струен удар на железничка пруга. Филипче е на продолжен викенд и не може да даде дозвола. Ако има некој да помогне како да се изведе тоа НАЈИТНО ЗА ДА СЕ СПАСИ ЖИВОТОТ на детето, Ве молам пишете. Колку повеќе share, поголеми се шансите да спасиме живот“, пишува во објавата која се споделува на „Фејсбук“ и „Твитер“.
Вчера од Македонски железници-Инфраструктура соопштија дека момче на возраст од 20 до 25 години е тешко повредено при обид за кражба на станицата во Трубарево.