На Спасовски не му треба метла, туку колективно самораспуштање, порачаа од Полицискиот синдикат

Макфакс

22/05/2019

15:10

1.894

Големина на фонт

а а а

Во Министерството за внатрешни работи треба колективно самораспуштање, а не метлата што ја промовира премиерот Зоран Заев, порачаа од Независниот полициски синдикат на денешната прес-конференција пред МВР.

Синдикатот јавно побара набавка на нови полициски возила „пинцови“ затоа што животот им е во опасност на полицајците што се превезуваат со старите дотраени возила.

„Познатите ‘пинцгауери’ со кои се превезува посебната единица ПЕП не се сигурни повеќе и тие само треба да стојат паркирани во кругот на полициската станица, а не да се возат, затоа што еден таков ‘пинц’ пред неколку дена изгоре во кругот на МВР. Јасно бараме набавка на нови возила, а вие досега не бевте достојни ниту да ни одговорите. Затоа, ова пригода ја користиме да прашаме до кога ќе се лажеме дека јадеме чоколади, а немаме за леб?“, изјави Дејан Саздов, портпарол на Независниот полициски синдикат.

Според Синдикатот, проблемот лежи во лошите раководни кадри, кои со години не преземаат ништо за подобрување на состојбите во МВР. Гоце Делчев Тодев порача дека треба да има метла за најмалку 20-ина началници за да се очекуваат вистински реформи во полицијата.

„Има раководни лица што ниту една власт не може да ги смени. Повеќе од 30 години седат во фотелјите и не им е грижа за состојбата во полицијата. Министерот треба да се запраша за реалната состојба, а не да верува во лажната слика што тие му ја креираат. Згора на сè, за пропустите на раководителите се казнуваат полицајци со глоба и со дисциплински постапки. Доколку сакаат европска полиција, треба да има вистинска реорганизација“, порача Делчев Тодев.

Од Независниот полициски синдикат посочија дека полицијаците немаат соодветна униформа, а побараа и подобрување на условите на вработените во граничните полициски станици.



Спонзорирани линкови

Маркетинг