Медиумите во Англија пренесуваат дека Петр Чех по крајот на оваа сезона ќе се врати во редовите на Челси каде ќе добие значителна улога во раководството на кубот.
„Скај Спортс“ јавува дека голманот кој ќе наполни 37 години во понеделник ќе ја добие улогата спортски директор во Челси. Оваа позиција е испразнета по заминувањето на Мајкл Еменало во 2017 година, а клучните работи во клубот досега ги извршуваше директорката, Марина Грановскаја.
Инаку, јасно е дека во финалето од Лига Европа против Челси, Чех ќе го одигра својот последен натпревар во богатата кариера.
По појавата на информациите дека ќе добие директорско место во Челси, на социјалните мрежи се огласи и самиот Чех.
– И покрај вестите кои излегоа денес, како што им кажав на сите претходно, ќе ја донесам финалната одлука за мојата иднина по мојот последен натпревар. Сега целиот мој фокус е да ја освојам Лига Европа со Арсенал, -напиша искусниот голман.