Новото истражување најавува катастрофа: Нивото на морето драстично ќе порасне, загрозени се Њујорк, Лондон, Шангај...

Точка

21/05/2019

15:24

2.841

Големина на фонт

а а а

Научниците сметаат дека поради глобалното затоплување, односно забрзаното топење на мразот на Гренланд и Арктикот, нивото на морето би можело нагло да порасне повеќе од досегашните претпоставки.

Имено, досега научниците веруваа дека до 2100-та година, нивото на морето би можело да порасне за еден метар, а според најновата студија, реалното ниво на морето би можело да порасне за дури 2 метри.

Најновото истражување е објавено во магазинот „Зборник на трудови во Националната академија на науки“, пренесува „БиБиСи“.

Прашањето околу порастот на нивото на морето, беше едно од најконтроверзните прашања околу кое беше организиран и Меѓувладин панел за климатски промени (Panel on Climate Change) кога во 2013-та година беше објавен најновиот извештај за растот на нивото на морето. Според тој извештај, продолжувањето на емисијата на штетни гасови во атмосферата ќе резултира со загревање на атмосферата и топење на мразот, со што до 2100-та година нивото на морето ќе порасне од 52 до 98 сантиметри.


Сепак, според најновата проценка, ако ефектот на стаклена градина не се намали, нивото на светското море би можело да порасне од 62 до дури 238 сантиметри во следните 80 години. Порастот на нивото на светското море за 2 метри би имал катастрофални последици по нашата планета.

Научниците пресметаа дека во еден таков случај, светот ќе остане без 1,79 милиони квадратни километри населива површина, што е еднакво на големината на територијата на Либија. Најголемиот дел од тоа земјиште би се наоѓал во важни подрачја каде што се произведуваат намирници од кое што егзистира населението, како на пример регионот долж реката Нил.

Покрај тоа, би биле загрозени големите градови како што се Њујорк, Шангај и Лондон кој би бил поплавен со растот на нивото на морето и реката Темза.


„Сириската бегалска криза резултираше со пристигнување на околу еден милион бегалци во Европа, но бројот на мигранти би можел да биде околу 200 пати поголем доколку нивото на морето порасне два метри“, изјави физичарот Џонатан Бамбер од Универзитетот Бристол.

Авторите на студијата сепак нагласуваат дека има доволно време за да се избегне едно вакво застрашувачко сценарио, посебно ако во следните неколку децении се намали емисијата на штетни гасови во атмосферата.



Спонзорирани линкови

Маркетинг