Заев ја прифати поканата од Црвенковски да поддржи организација на конференција во Скопје

Макфакс

17/05/2019

19:20

2.417

Големина на фонт

а а а

Премиерот Зоран Заев, денеска, му беше домаќин на поранешниот претседател на државата, Бранко Црвенковски, кој на оваа средбата се појави во својство на член на Подгоричкиот клуб на поранешни претседатели на држави и шефови на влади на земјите од регионот.

Како што информираат од владината прес-служба, Црвенковски го информирал Заев за иницијативата Подгоричкиот клуб да организира регионална конференција во Скопје на тема „Проширувањето на ЕУ на крстопат“ на почетокот на јуни годинава.

„Целта на оваа конференција е да се поттикне и обезбеди поддршката за пристапување на земјите од Западен Балкан во ЕУ, со декларација која од конференцијата ќе им биде испратена на лидерите на Европската Унија со укажување на негативните последици на национално и регионално ниво што би произлегло од евентуалното одлагање на овој процес“, објаснил Црвенковски на средбата.

Премиерот Заев ја прифатил поканата да ја поддржи конференцијата и да биде домаќин на прием што по тој повод ќе биде одржан за учесниците на настанот.



Спонзорирани линкови

Маркетинг