ЈСП: Доколку се потврди дека на Александар не му било дозволено да влезе со куче во автобус, ќе има санкции

Макфакс

17/05/2019

17:09

826

Големина на фонт

а а а

Доколку се потврди дека возачот не го пуштил Александар со Бен да влезе во автобус, од нему познати причини, ќе биде соодветно санкциониран, реагираат од ЈСП по објавата на Александар Велески на „Фејсбук“ во која напиша дека во автобус со број 7 не му било дозволено да влезе со неговото куче придружник.

„Добро бе нешто функционира ли во државава?¿???? ЈСП 7 ца не ме пуштија со Бен“, напиша Александар.

Од ЈСП велат дека за случајот дознале од социјалните мрежи и дека го исконтактирале Александар, но не добиле одговор.

„Ве информираме дека ЈСП Скопје преку социјалните медиуми дозна за случајот со Александар и неговото куче придружник, кој преку ‘Фејсбук’ информираше дека не му бил дозволен влез во автобус и покрај неодамнешната одлука на раководството за слободен пристап/влез на кучињата придружници на лицата со инвалидитет. Веднаш преку порака го исконтактиравме Александар да ни објасни за случката, но, се уште ни нема одговорено. Во меѓувреме, телефонски стапивме во контакт и со неговиот татко кој немаше никаква информација за настанот. Поради работни обврски, ни рече дека во текот на попладнето ќе не исконтактира.

Што точно се случило, истражуваме и преку нашата внатрешна контрола“, велат од ЈСП.

Од таму пред три дена соопштија дека лицата со посебни потреби ќе можат да се возат со куче придружник во автобусите на ЈСП, како и во кабините на жичницата на Водно.



Спонзорирани линкови

Маркетинг