Ексклузивно интервју со Здравко Чолиќ: „Победив на натпревар со македонски ајвар“

Точка

17/05/2019

11:30

7.942

Големина на фонт

а а а

Како Чолиќ учествувал со македонски ајвар на натпревар, во кој град одамна не бил, а би сакал да одржи и концерт, зошто бил уапсен во Охрид, кој е неговиот омилен македонски специјалиет, дали бил заљубен во Македонка... Открива ексклузивно за вас, читателите на Точка.

Што е она што постојано Ве враќа во Македонија?

Луѓето. Взаемната љубов што ја имаме со публиката. Одвреме-навреме кога имам нови песни, ги промовирам во Македонија, па дури и кога не станува збор за нови песни или концерти, настапувам тука. Тоа е љубов која постои од првите денови на мојата кариера, од почетокот на 70-те години, до денес. Луѓето секогаш ме дочекуваат со отворени срца. Среќен сум кога доаѓам тука. Секако тоа зависи од организаторите, менаџерите, луѓето кои те канат, рекламата е важна, чувствувото кога постои потреба за концерт. Таа љубов постои со години и тоа е нешто без што не можам ниту јас. Најдраго ми е кога пејам во Македонија. Убаво сум прифатен. Имам многу пријатели во Македонија, стекнати и од настапите низ годините, во Универзална Сала, Кале, Плоштадот, Градски стадион...


Често и приватно доаѓам во Македонија. Настапите се посебна приказна тука, а македонската публиката ми доаѓа во Хрватска, Србија и Босна на концерти. Во последниве 15-20 години, речиси секоја година имам настап. Ако тој не е во Скопје, сигурно е во Велес или во некој друг ваш град.

Кое Ви е омилено место за одмор во нашата земја?

Ги сакам Охрид, Маврово... Ја сакам и Битола, одамна не сум настапувал таму. Во Штип Кочани, Велес, Струмица и Охрид сум бил и приватно. Би сакал да направам концерт таму.


Дали сте гурман и дали можете да нѝ издвоите некој македонски специјалитет?

Хедонист сум. Сакам да јадам убава храна. Ја сакам македонската кујна. Разни видови на јагнешко кои кај вас специфично се подготвуваат, во комбинација со компири под вршник, сакам селско месо, тавче гравче, пинџур...

Ова морам да ви го раскажам. Од една моја менаџерка добив 10 тегли ајвар и пинџур. Му подарив на еден пријател во Загреб една тегла и тој ја пријавил на натпревар за ајвар во Сараево. Му ја дал теглата на познатиот готвач Стево Карапанџа и му рекол дека тоа е тегла од Здравко Чолиќ. И не се знаеше чиј е тој ајвар, а тоа е практично македонски ајвар, кој потоа победи на натпревар во конкуренција со 100 различни ајвари. Потоа хрватските медиуми почнаа да пишуваат: „Здравко Чолиќ е победник на ајвар“, не можев да го издадам пријателот и да кажам дека тоа не е мој ајвар, а не можев ни да кажам дека го правев, кога тоа не е вистина. Доколку ме побараа медиумите, иако никој не го направи тоа, планирав да кажам: „Бев заедно со жената која го правеше ајварот, ја гледав, по малку и помагав“, за да направам некој компромис дека сепак учествував, но не беше тоа тоа, но никој не ми се обрати. А потоа морав да направам еден ручек како победник, за целата екипа која беше во жири, па од целото тоа излезе голема забава. Но, ни крив ни должен, станав победник на „Ајваријада“ и тоа со ваш ајвар. :)


Од пијалоци, сакам вино - Тиквеш, Скопско пиво. Барикот добар оди со месо. Во македонските пијалоци има нешто што посебно многу ми се допаѓа, а тоа е јачината.

Дали некогаш сте биле заљубен во Македонка?

Имав девојки од Македонија , младост-лудост.. Имало разни дружења, но не долги, во младоста. Ама никогаш не се знае, сè може да се случи во животот.

Сте имале ли некое непријатно искуство во Македонија?

Да. Бев уапсен во Охрид за менување девизи. Тогаш во банка не можеше да се заменат пари како во менувачница. Како сега што можам да земам денари и да купам евра. Јас тогаш живеев во Загреб и работев за фирма која комуницираше со охридска фирма, која пак работи со трансформатори и разводни кутии...Тоа беше во 1986-та година. Сменивме пари, пазарувавме, ме уапсија, ми ги земаа парите. Судењето беше во Охрид, на крајот поминав со парична казна. Тоа беше забрането законски, а ако сакаш да купиш нешто, доколку немаш сменето пари, мораш “на црно“ да менуваш. И тоа беше охридската девизна афера со Здравко Чолиќ. 

На 15-ти јуни е Вашиот голем концерт во Скопје. Како Здравко Чолиќ се подготвува за концерт? Дали имате посебни ритуали?

Во карантин. Нема излегување. Тоа се некои 2-3 дена пред концертот. Не е во ред да излезам да се дружам, кога треба да одмарам и психички да се подготвам.

Кога немам обврски можам да се опуштам, но исклучиво пред концертот. Постои период кога сум слободен, патувам, се дружам, хедонистички се однесувам... :)

Овој месец Ви е роденден. Што е она што Ве научи животот и сакате да го споделите со младите во Македонија?

Да го живеат својот живот и секогаш да мислат она што НИМ утре ќе им биде важно. Без оглед на тоа дали одат на училиште, па треба добро да се подготват за наредниот ден, или пак се работи за егзистенција, треба навреме да си ја планираат својата иднина и што ќе прават понатаму. Важно е секогаш да го следат својот пат, тој Божји пат од кој не треба да се откажат. Секогаш да бидат амбициозни. Без разлика дали својата среќа ќе одлучат да ја побараат некаде во странство, важно е да запаметат дека сами си го креираат својот живот.


Друго, според мене, многу е важно знаењето. Тоа не мора да значи дека мора да се заврши факултет, но најважната работа во животот е да имате знаење во одреден сегмент кој вас ве интересира и кон кој сакате да се насочите. Треба да стекнете знаење!

Автори: Цеце Николова и Александра Велинова



Спонзорирани линкови

Маркетинг