Се сретнаа Пендаровски и Заев

Макфакс

16/05/2019

18:19

1.158

Големина на фонт

а а а

Претседателот Стево Пендаровски денеска имаше средба со премиерот Зоран Заев во вилата „Водно“. Како што соопшти кабинетот на претседателот, на средбата премиерот Заев му упатил честитки за стапувањето на функцијата и му посакал успешна работа на претседателот Пендаровски.

„Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните случувања во државата и за идната соработка меѓу двете институции. Претседателот Пендаровски и премиерот Заев се заложија за конкретна и суштинска соработка меѓу претседателот и Владата со цел обезбедување на севкупниот напредок на земјата и реализирање на стратешките цели – членство во Европската Унија и НАТО.

Претседателот и премиерот ја нагласија потребата за усогласен и заеднички настап на меѓународен план и интензивирање на реформските процеси во државата со цел остварување на европските и евро-атлантските перспективи на Република Северна Македонија и подобрување на животниот стандард на граѓаните“, се вели во соопштението.

Ова е прва средба на Заев и Пендаровски по неговата инаугурација за петти претседател на земјава. Заев не присуствуваше на инаугурацијата бидејќи користеше одмор. Тој преку видеопорака му порача на Пендаровски дека набргу ќе се видат и дека ќе го испијат првото кафе како премиер и претседател.



Спонзорирани линкови

Маркетинг