Богоевски: На снимката е мојот глас, но не нарачувам кокаин туку масло од канабис за моја блиска личност

Макфакс

15/05/2019

20:45

10.047

Големина на фонт

а а а

Пратеникот Павле Богоевски, по објавувањето на снимка на руската мрежа „vk.com“, за која се тврди дека на неа се слуша неговиот глас како нарачува кокаин, на социјалните мрежи потврди дека снимката е автентична, но дека на истата не набавува кокаин туку масло од канабис.

„Би сакал да расчистам неколку работи: Дали тоа е мојот глас на снимката? Да. Дали разговарам за супстанца чиј промет е забранет? Да. Но, во овој разговор не нарачувам кокаин. Договарам набавка на масло од канабис. За медицинска употреба, за моја многу блиска личност на која маслото од канабис и’ помогна таму каде другите лекови не можеа да и’ помогнат. Тоа го правам веќе неколку месеци и ќе го правам се’ додека е потребно“, пишува Богоевски во објавата на својот фејсбук-профил.    

Пратеникот исто така пишува дека намерата не му е да се прави светец, ниту да глуми оти е изненаден што на ваков начин е нападнат од политичките противници.

„Во оваа таканаречена ‘бомба’ нема договарање на милионски криминали. Нема заговарање за уништување животи. Нема местење избори. Нема ендеци и запалени кафани. Има наводи за мојот приватен живот, кои (во овој случај) се извадени од контекст“, објаснува тој.

Богоевски воедно порачува дека очекува службите сериозно да го истражат овој случај бидејќи, според него, станува збор за неовластено прислушкување и тонско снимање. Пратеникот во рамки на објавата на „Фејсбук“ исто така истакнува дека снимката најпрво била споделена од пропагандната твитер-машинерија на ВМРО-ДПМНЕ и од порталите блиски до нив.    



Спонзорирани линкови

Маркетинг