Неговиот симбол е знак за престиж, најбогатите луѓе го обожуваат, а тој секогаш носи црна маица

Точка

06/05/2019

10:03

4.402

Големина на фонт

а а а

“Работам многу и носам црна маица, но не секоја црна маица е иста. Моите се изработени од кашмир” – и во оваа една реченица лежи тајната на неговиот успех. Квалитетот е нешто што се подразбира и го прави моделот полуксузен.

Џорџо Армани е дизајнер кој нè научи дека луксузот не мора да биде неудобен и вештачки. Неговиот стил го врзуваме за бизнис, шик и рафинирана елеганција, иако во меѓувреме се прошири во сите модни сегменти, но и животни стилови. Ако мораме да го опишеме неговиот стил со неколку зборови, би рекле – минимализам, совршен крој и меки материјали. 


За него, клучот на безвременскиот стил лежи во елеганцијата која никогаш нема да излезе од мода. Елеганцијата доаѓа од главата – прво доаѓа мислата, па потегот. Секој успех подразбира и поместување на границите или промена на стандардот. Со тоа, Џорџо нè “ослободи” од вишокот акцесоари и воведе спортски елементи во деловната и свечената гардероба. Неговите модели имаат опуштени линии, што ги прави удобни, а во истовреме делуваат убаво и современо. Познатиот дизајнер ги претпочита црната и темносината боја, во кои фигурата делува потенко, а ви дозволуваат да експериментирате со формите и текстурите.

Секој детаљ е добро промислен – дури и познатиот орел за линијата Емпорио Армани тој лично го нацртал. Неговите модели се луксузни, носиви, не се евтини но се направени без рок на траење.


Во својата биографија може да напише и дека е првиот жив уметник на кому музејот Гугенхајм му направил изложба на дела во 2000 година. Исто така, тој е едиствениот креатор покрај Кристијан Диор кој се појавил на насловната страница на магазинот Тајм.

Неговите модели ги носат Меган Фокс, Ријана, Мадона, Ана Винтур... Разноликоста на неговите обожавателки зборува за неговата модна генијалност, а интересно е тоа што Џорџо е самоук – тој никогаш не студирал мода.


Освен главната компанија и петте линии наменети за различни модни групи, Армани има и линии за производство на мебел и куќен декор, чоколади за подароци, козметика и парфеми, отворил ресторани низ целиот свет, а влегол и во хотелскиот бизнис.

Кој е Џорџо Армани?

Роден е на 11-ти јуни 1934 година, во Пјаченцa, Италија. Сакал да стане доктор, но се откажал по двегодишно студирање медицина. Кариерата ја започнал како декоратер на излози за познатиот милански моден бренд “La Rinascente”. Започнал да работи во модната куќа “Cerruti” во 1964 година како асистент за машката линија “Hitman”. Девет години подоцна, заедно со Серџо Галеоти ја основал модната куќа “Giorgio Armani”, а веќе во 2001 година е признаен за најзначаен италијански моден креатор. Денес има 84 години и вистинска империја.



Спонзорирани линкови

Маркетинг