Добивме претседател и имаме чест да продолжиме напред со Стево Пендаровски, изјави претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев, на прес-конференција од Бихаќка. Тој оцени дека изборите поминале во фер и демократска атмосфера и граѓаните можат да слават.
„Продолжуваме заедно и одговорно напред. Патот е поплочен со успех. Победи концептот заедно напред, победија граѓаните и републиката. Сите можеме да славиме. Имаме европска земја, горд и одговорен народ, кампањата беше достоинствена, а изборите беспрекорно чисти во двата круга. Победивме со пенкало и глас, а граѓаните избраа да не се враќаат во мрачното минато“, изјави Заев и додаде дека со изборите уште еднаш земјата покажала подготвеност за ЕУ.
Претседателот на СДСМ соопшти дека од пребројани 96 проценти од гласовите, над 423.000 гласови добил Пендаровски, а Сиљановска над 368.000 гласови. Разликата е за повеќе од 55.000 гласови, рече Заев.
„Вечерва имаме и победа во Охрид. Новиот градоначалник е Константин Георгиевски со повеќе од 3.800 гласови. Имаме и градоначалник на Ново Село, Никола Андонов“, рече Заев.
Тој им заблагодари на граѓаните за поддршката и рече дека од овие избори сите треба да извлечат поука.
„Благодарност до етничките заедници и 31 политичка партија кои застанаа зад Стево Пендаровски. Сите тие покажаа доблест, големина и зрелост. Од овие избори сите треба да извлечеме поука. Неопходно е приземјување на одредени поединци“, рече Заев и до ВМРО-ДПМНЕ испрати порака дека треба да модернизира и да сфати дека Северна Македобнија ја сочинуваат сите нејзини граѓани.
Заев истакна дека Пендаровски е достоинствен претставник за сите.
„Да ни ги чуваш граѓаните, биди правичен, објективен, кривичен, со слух за граѓаните. Ти си резултат кога се слуша гласот на народот“, му порача Заев на Пендаровски.
Одговарајќи на новинарско прашање, тој рече дека го разбрале алармот од граѓаните.
„Промени ќе има во сите сфери. Ние сме избрани од народот и затоа треба да одговориме на нивните потреби. Ќе има кадровски промени, онаму каде што нема резултати и функционалност, без ралика дали тоа е во Владата, министерствата или во други институции“, изјави Заев.
Додаде дека со претседателот на ДУИ, Али Ахмети, не разговарале за кадровски промени, туку средбите биле сконцентрирани на претседателските избори.
„Ве уверувам дека ќе има простор и ќе ги исправиме грешките, ја разбравме пораката“, рече Заев.