Албанскиот опозиционер опишал каква е оваа земја: Криминалните кланови ни работат од Америка до Азија, а законот е во рацете на властите и богатите

Точка

02/05/2019

18:25

3.457

Големина на фонт

а а а

Лидерот на албанската опозициска Демократска партија, Луљзим Баша, оценил дека Албанија се наоѓа на раскрсница и дека е "неопходно итно земјата да се ослободи од автократијата", пренесува "A1On".

Во интервју за словенечкиот весник "Delo", тој рекол дека Албанија мора да се промени од темели, почнувајќи од правосудството, бидејќи правдата не смее да биде во рацете на власта, законот не смее да биде монопол во рацете на моќните и богатите. 

"Во Албанија постојат организирани криминални кланови поврзани со Латинска и Северна Америка, Азија, па се до срцето на Европа", рекол Баша и истакнал дека криминалот оди таму каде што јавните институции се слаби, додека политиката е подготвена да ги жртвува јавните добра за личните интереси.

"Таму каде властите не размислуваат за инвестиции во образованието и здравството, се обидуваат да имаат целосна контрола во државата, полицијата и судството. Затоа, ние мораме многу да инвестираме во засилувањето на државните институции и во поттикнувањето на политичката конкуренција", објаснува Баша.

Тој додава дека целта мора да биде Европската Унија, за што тежнеат 95 проценти од Албанците.

"Сакаме слободни избори, правна држава и правда за сите нас. 30 години по падот на комунизмот, луѓето гледаат дека во Албанија не постои правна, туку заробена држава. Тоа не е поради идеолошката тиранија, туку поради автократска власт која ја узурпирала целта држава", нагласил Баша. Коментирајќи ја идејата за обединување на Албанците или идејата за Голема Албанија, Баша вели дека Албанија сака да стане дел од ЕУ.

"Идентични аспирации имаат и Северна Македонија, Косово, Црна Гора и Србија. Затоа сум убеден дека сите Албанци во овие пет земји ќе бидат заедно како членки на ЕУ", заклучил лидерот на албанската опозиција.




Спонзорирани линкови

Маркетинг