Компанијата Фејсбук соопштила дека очекува казна во износ од 5 милијарди долари од американската Федерална комисија за трговија (FTC), која спроведува истрага за тоа дали социјалната мрежа ги прекршила прописите за приватноста на своите корисници.
Според кварталниот финансиски извештај објавен во средата, компанијата одвоила 3,0 милијарди долари за непредвидени трошоци поврзани со евентуални казни, но исто така навеле и дека „случајот и понатаму не е решен“, пренесува агенцијата АР.
Овој еднократен трошок значајно ја намалил нето заработката на Фејсбук во првиот квартал, иако приходите се зголемиле за 26 отсто во тој период. Социјалната мрежа навела дека поради средствата наменети за потенцијална казна, нето добивката за првите три месеци изнесува 2,43 милијарди долари или 85 центи по акција.
Тоа е пад за 51 процент од 4,99 милијарди долари или 1,69 долари по акција за една година претходно. Кога ќе се исклучи ефектот од овој еднократен трошок, Фејсбук во првиот квартал заработил 1,89 долари по акција.
Приходите се зголемиле за 26 отсто на 15,08 милијарди долари во однос на минатата година. Месечната база на корисници на главниот сервис Фејсбук, пораснала за 8,0 проценти во првите три месеци на 2,38 милијарди луѓе, а во истиот процент се зголемил и бројот на дневни корисници на 1,56 милијарди.
Околу 2,7 милијарди луѓе користеле Фејсбук, WhatsApp, Инстаграм или Месинџер секој месец, а 2,1 милијарди луѓе секојдневно користеле барем еден од тие сервиси. FTC од март 2018-та година води истрага за вмешаноста на Фејсбук во скандалот со давање приватни податоци од своите корисници на компанијата Кембриџ Аналитик, кои таа ги злоупотребила за потребите на предизборната кампања на претседателот Доналд Трамп.
Таа компанија имала пристап до податоците на дури 87 милиони Фејсбук корисници, без нивна дозвола, наведува АП.