Гласањето поништено, но прегласување нема – ДИК прифати 7 од 14 приговори

Макфакс

25/04/2019

15:32

936

Големина на фонт

а а а

Од вкупно 14 приговори, Државната-изборна комисија (ДИК) прифати 7 приговори поднесени од штабот на Гордана Сиљановска Давкова кои се однесуваа на изборни нерегуларности.

ДИК одлучи да се поништи гласањето на избирачки места во Куманово, Кавадарци, Охрид, Кичево, како и во општините Аеродром и Центар.

Иако гласањето таму е поништено, од комисијата констатираа дека на овие избирачки места нема да има прегласување затоа што, како што рекоа, резултатите нема да влијаат врз исходот од изборите.

Најголем дел од приговорите беа поврзани со несовпаѓање на бројот на потпишани гласачи и гласачките ливчиња во кутијата, но имаше и ситуација каде на едно избирачко место во Охрид, каде освен претседателските, се гласаше и на локални избори, избирачкиот одбор делел две ливчиња за гласање, а гласачите се потпишувале на еден список.

За Кичево, пак имаше сомнежи за полнење на избирачките кутии затоа што за само два часа гласале 297 лица, или како што беше наведено во приговорот, на секои 24 секунди имало по еден гласач.

Одговорноста за овие непочитувања на Изборниот законик од ДИК ја посочија кај избирачките одбори кои ќе бидат разрешени поради непрофесионално постапување, иако членовите на комисијата се согласија дека грешките биле ненамерно направени. Апелираа на поголема внимателност во вториот круг за да нема поништување на гласањето.



Спонзорирани линкови

Маркетинг