ИВЗ: Одлуката на судот е донесена со фалсификувани документи, местото на судиите им е во Зоолошка

Макфакс

24/04/2019

18:03

2.688

Големина на фонт

а а а

ИВЗ обвинува дека Граѓанскиот суд донел одлука за именување нов реис врз основа на фалсификувани документи, печати и потписи.

Oд ИВЗ тврдат дека потписот на актуелниот реис Сулејман Реџепи е фалсификуван на оставката. Велат дека е стар меморандумот на оставката, а фалсификуван е и печатот. Според нив, рејсот не поднесува оставка во документ со меморандум, и во истата не се користи печат на ИВЗ, а во оставката доставена до судот има.

Во однос на записникот за одржана седница, тој бил заведен со архивски број со кој од 15 членови на Ријасетот, 7 веќе не се дел.

„Решението на граѓанскиот суд не покажува ништо освен тоа до кое ниво е паднат правниот систем. Судијката Сузана Дончевска има донесено решение за смена на поглаварот на ИВЗ и именување друг. Тоа го направила врз основа на фалсификувани документи. Толку наивна судијка, донела решение со фалсификати и тоа се гледа од Јупитер. На оваа власт ѝ требаат вакви скандали за да ги покријат нивните скандали и незадоволството на граѓаните. Владата во име на една судијка изврши пуч во ИВЗ. Ова е пуч од Зоран Заев“, изјави Мухамед Вејсели од ИВЗ.

Тој истакна дека во записникот што е доставен до судот има наведено лица кои не се вработени во ИВЗ. Во истиот, како што рече, нема потписи на тие кои биле присутни на состанокот на Ријасетот.

„Ваква седница се нема одржано. Ниту еден член не е известен дека Сулејман Реџепи има поднесено оставка. Поднесовме кривични пријави против фалсификат“, истакна Весејли и додаде дека и 10 пати да го смениме името на државата, никогаш нема да бидеме држава.

Весејли истакна дека судијката поднела барање за промена на реисот во Централен регистар.

„Дали се нормални овие луѓе или имаме работа со ненормални луѓе. Ние имаме судии на кои треба да им обезбедиме место во Зоолошката градина. Имаме судија кој разрешува и именува реис, а тоа е можно само во оваа држава“, рече Весејли.

ИВЗ бара од Владата да им се извини за скандалот којшто, како што велат, го направила.

„Ова нема да им биде простено на Зоран Заев и Владата. Тие треба да размислат за вршењето притисок врз судиите. ИВЗ никогаш не барала ниту ќе бара услуга. Заев не треба да ѝ служи на ИВЗ, туку треба да им служи на граѓаните”, рече Весејли.

Од ИВЗ оценија дека судството е најкорумпирано досега и информираа дека ја обжалиле одлуката за промената на реисот.



Спонзорирани линкови

Маркетинг