"Не е нормално нашиот директор да има 1.424 пати повисока плата од работниците"

Точка

24/04/2019

13:41

2.116

Големина на фонт

а а а

Наследничката на империјата "Disney", Ебигејл Дизни, јавно изразила незадоволство поради големите разлики во платите меѓу директорот на "Disney" Боб Игер и вработените во компанијата.

"Платата од 65,5 милиони долари која годишно ја прима извршниот директор на "Disney" не е нормална. Како е можно некој да прима дури 1.424 пати повисока плата од своите работници?", истакнала внуката на основачот на компанијата, Ебигејл Дизни, која смета дека толку високите плати имаат "нагризувачки ефект на општеството". 

Наследничката на богатството на Волт Дизни пресметала дека Боб Игер од сопствен џеб можел да одвои 15 проценти зголемување на платата за сите вработени во "Disney", а платата да му биде 10 милиони долари.

Дизни, инаку, како што нагласила, е голем фан на Боб Игер, но едноставно не се согласува со фактот дека за една година платата му пораснала за неверојатни 80 проценти.

Инаку, ова не е прв пат наследничката на "Disney" и хуманитарка да ја критикува директорската плата. На почетокот на оваа година исто така ја коментирала заработката на Игер.

"Никој на земјата не би требало да има 700, 600, 500 пати повисока плата од своите работници. Дури ни платата на Исус Христос не би смеела да биде 500 пати повисока од таа на неговите работници", рекла Дизни.

Да може, со закон би ги забранила приватните авиони бидејќи на одредени луѓе едноставно им овозможуваат да ја заобиколат реалноста, истакнала Дизни, која од својата 21-ва година, како што нагласила, дала 70 милиони долари во хуманитарни цели.




Спонзорирани линкови

Маркетинг