Дац му подари метла на Заев, премиерот возврати – чистка ќе има

Макфакс

23/04/2019

10:24

4.580

Големина на фонт

а а а

Актерот Драган Спасов Дац на вечерашната трибина на СДСМ во Карпош му подари метла на премиерот Зоран Заев, порачувајќи му дека му е нова и дека е за „чистката која треба да ја направи”.

,,Затоа што јас сум првиот кој си поднесе оставка од морални причини, имам и морална одговорност да ја предадам оваа метла за чистката што треба да се направи. Ова ништо не е договорено, од Рептил е, има и лопатче каде може да се собере доста ѓубре. Јас отсекогаш сум го сакал СДСМ и сум гласал за оваа партија, сум се гордеел со оваа партија. Сигурен сум дека мојот иден претседател е Стево Пендаровски”, рече Дац.

Премиерот Заев, пак, рече дека ја примил пораката од незадоволните граѓани кои вчера одлучија да останат дома. Тој најави чистка на сите функционери кои ги изневериле граѓаните.

„Пораката ја примив и Ви возвраќам – чистка ќе има на сите функционери кои немаат капацитет да му служат на народот. На граѓанинот мора да му се јавите, да му одговорите, да му дадете совет и да му помогнете. Ако не можете денес, ќе кажете кога можете да му ја завршите работа. Пораката е примена, но немојте да ја казнувате државата поради слабости на централната и на локалната власт“, кажа Заев.

И претседателскиот кандидат Стево Пендаровски им се обрати на граѓаните кои не гласаа во првиот круг и им порача дека ова се избори во кои се нудат два различни концепти од кои еден е интеграциски а другиот ја урива внатрешната кохезија, не ги третира сите заедници подеднакво и ја одалечува земјата од ЕУ и од НАТО.

„Последната шанса е 5 мај, кога треба да гласаме не за Стево, туку за потврда на една политичка филозофија која ја води земјата напред. Да не се разбудиме на шести, изненадени дека се вратил „груевизмот“, рече Пендаровски.



Спонзорирани линкови

Маркетинг