Николоски го наклеветил Вице Заев, но нема да му плати 30 илјади денари отштета

Макфакс

22/04/2019

15:53

1.384

Големина на фонт

а а а

Судијката од Основниот суд Скопје 2, Кети Германова заедно со двајца судии поротници, донесе пресуда со која утврди дека потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, го наклеветил братот на премиерот Зоран Заев, во телефонска изјава, со тврдењето дека Вице Заев е главен бизнис фактор во државата и дека Вице Заев и неговото семејство ги добиваат сите главни бизниси во државата.

Судот утврди клевета само во еден дел од изјавата, но не досуди надомест на штета од 30 илјади денари. Тужбеното барање за надомест на штета врз основа на повреденото право за нарушени чест и углед е одбиено.

Судењето траеше три рочишта, при што, Вице Заев пред судот рече дека му се нарушени честа и угледот со изјавата на Николоски. Тој, пак, тврдеше дека братот на премиерот е јавна личност, и како таква е подложен на критика дадена од потпретседателот на најголемата опозициска партија во државата.

Тужениот Николоски по изрекувањето на пресудата рече дека е делумно задоволен. Тој кажа дека судот балансирал за Вице Заев да го зачува образот и најави дека пресудата ќе ја обжали пред Апелацискиот суд.



Спонзорирани линкови

Маркетинг