На праг сме на летната сезона и време е да се подготви план каде ќе се побегне од градската врева.
Локациски близу, Грција традиционално е често одредиште на туристи што не нè чуди со оглед на кристално чистото море, прекрасните плажи, романтичните зајдисонца и да не заборавиме – вкусната медитеранска кујна, карактеристична за ова географско подрачје.
Островот Санторини ѝ припаѓа на групацијата острови под името Киклада во Егејското море, и е едно од најпопуларните одредишта кога е во прашање оваа медитеранска земја со која нема да погрешите.
Грчката убавица е нашироко позната по еднообразните сино-бели фасади, чии бои асоцираат на грчкото знаме. Симбол е грчкото приморје на што тамошните жители се особено горди.
Ако сте во потрага по совршен спој на романтика и динамика, овој рајски остров со богат ноќен живот е идеалното решение за вас. Пријатните и гостопримливи мештани најтопло ќе ве дочекаат и ќе се потрудат добриот глас кој ги бие да се прошири низ вашето искуство.
Фира, главниот град на островот, е сместен на западниот брег и се одликува со куќички во препознатливиот стил. Она што не смеете да го пропуштите е обиколката на неколку најпознати плажи.
Бреговите од вулкански камења со најразлични бои – од црни камења па сè до блескавиот ситен песок, делуваат потполно нереално. Позната е “Црвената плажа”, наречена по песокот со црвенкаста боја, кој потекнува од вулканската лава, додека наспроти неа, “Белата плажа” ја покрива снежнобел песок – често е прикажана на разгледниците.
Популарни плажи се и “Камари” и “Периса”, па задолжително посетете ги доколку сте таму. Сè што ви преостанува е да пронајдете аранжман кој најмногу ви одговара и да уживате во летото.