Пендаровски: Не сум изненаден од резултатот, ја разбрав пораката на граѓаните

Макфакс

22/04/2019

14:33

3.925

Големина на фонт

а а а

Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски вели дека не е изненаден од резултатите од гласањето и дека ја разбрал пораката на граѓаните. Тој не сакаше да ги коментира изборните резултати по општини, но рече дека на ваквиот резултат влијаеле тешки политички одлуки, кои биле донесени изминативе 2 години.

Рече дека неговиот концепт ќе победи, без оглед на опозициските прозивки и ги повика уште еднаш гласачите на Река да дадат поддршка за, како што рече, европски концетпт, а не деструктивен, каков што нудела Силјановска.

„Не можам да кажам дали некој од коалициските партнери не си ја завршил работата како што треба затоа што за тоа треба подлабока анализа, но, знаете, ние имавме тешки политички одлуки: договорот со Грција, договорот со Бугарија и Законот за јазиците, кои не беа популарни кај граѓаните и тоа имаше влијание, но тоа моравме да го направиме заради европскиот пат на земјата. Ние ја разбираме пораката од граѓаните, а тоа е дека некои од нив не се задоволни од одредени економски проблеми, локални нерешени прашања, затоа што зад мене застанаа политички партии и можеби незадоволството се должи на нешто што го очекувале граѓаните, а не го добиле од политичарите. Не сум изненаден од резултатот и анкетите покажаа вакви тенденции, но, сепак, се надевам дека гласачите ќе го препознаат мојот концепт и ќе ми ја дададт поддршката во вториот круг“, изјави Пендаровски.

На прашањето дали има договорена политичка поддршка од албанските опозициски партии, Пендаровски рече дека такво нешто нема и дека очекува секогаш за него да гласаат како личност и да биде исклучено тргувањето со гласовите.

„Таков договор засега нема, а се надевам дека нема ни да се прави. На мене не ми требаат гласови со пазарења, туѓа ми е таквата теза затоа што по природа не сум таков. Нека си гласа секој по свое убедување, а мотивот нека им биде програмата што им ја нудам“, додаде Пендаровски.

Тој не очекува бојкот во вториот круг и се надева дека ќе има цензус за успешни претседателски избори.



Спонзорирани линкови

Маркетинг