Британската музичка ѕвезда Адел се разведува од сопругот по три години брак и седум години врска, потврдил нејзиниот портпарол Бени Тарантини, пишува британскиот “The Guardian”.
Адел и бизнисменот Сајмон Конецки биле заедно седум години, а се венчаа во 2016 година. Пејачката роди син во 2012 година, а во соопштението за јавноста се наведува дека парот и по разводот “заедно ќе го одгледува своето дете со многу љубов”.
“И двајцата се посветени кон заедничкото одгледување на својот син. Како и секогаш, тие бараат приватност”, изјавил Тарантини и додал дека ни Адел ниту Сајмон нема да даваат изјави по повод разводот.
Адел досега успешно го чуваше приватниот живот далеку од очите на јавноста, од првиот објавен албум. Таа е најпродавана британска пејачка, а зад себе има издадено три албуми со симболични наслови – “19”, “21” и “25”.
Пејачката во 2017 година на доделувањето на Греми наградите му се заблагодари на “својот сопруг” и со тоа откри дека е во брак. Конецки е еден од основачите на проектот “Life Water” и хуманитарниот проект “Drop4drop” кој промовира глобален пристап до чиста и пивка вода.